Скопската Зоолошка градина информира дека една лама, и покрај сите напори за лекување и терапија во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина, за жал угинала.
Обдукцијата, потврдена со PCR анализа, покажала дека животното боледувало од туберкулоза – болест која кај животните не се лекува и за која не постои вакцина. Според резултатите, процесот на болеста кај ламата бил присутен повеќе од пет години, а за туберкулозата е карактеристично што заболени животни често долго време не покажуваат никакви симптоми.
„Би сакале да ве информираме дека во изминатиот период, заедно со Факултетот за ветеринарна медицина, лекувавме и терапиравме една лама, која, иако беше направено сѐ од медицински аспект и со голема грижа, за жал угина. Обдукцијата и резултатите (со PCR метода) кај оваа лама покажаа присуство на туберкулоза, во процес кој траел повеќе од пет години. За оваа болест кај животните не постои лек, ниту пак вакцина, а често заболените единки со години не покажуваат никакви симптоми“ стои во соопштението.
По потврдата на дијагнозата, Зоолошката веднаш постапила во координација со Агенцијата за храна и ветерина (АХВ), при што биле направени туберкулински тестови на сите преостанати лами. Животните се под редовен медицински надзор и нивната состојба внимателно се следи.
„Веднаш, во соработка и консултација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), беа направени туберкулински тестови на сите лами. Нивната состојба се следи секојдневно и се наоѓаат под постојан медицински надзор. Ламите се домашни животни од семејството на камилите, кои потекнуваат од Јужна Америка“ завршуваат од скопската Зоолошка.