Како Македонија да се справи со корумпираниот затворски систем?

По проблемите со корумпираните затворски полицајци, дали обезбедувањето треба да го преземат приватни агенции со лиценцирани обезбедувачи?

од Nikola Popovski
392 прегледи

Филмските сцени во македонските затвори веќе станаа секојдневие. Вчера беше обелоденето дека полицајци му помагале на затвореник да си ја најде дрогата. Ги прелажал дека затворската кучка Цеца му го украла скапиот часовник, па сите заедно во темнината со батерии барале низ дворот. Ова се случило крајот на февруари во затворот Штип, а за случајот извести Управата за извршување на санкциите. Директорот Александар Пандов го вперува прстот во корумпираниот систем во затворите. Нагласува дека целиот систем во Македонија, од она што го наследил е висококорумпиран, но затворскиот сектор е најкорумпиран. Според Пандов, во одредени затвори над 50 отсто од затворските полицајци се корумпирани.

Дел од надлежните со години мака мачат со овој проблем кој засега ниту една власт не може да го реши. Кое е решението? Според Македонското здружение за млади правници, која е непрофитна организација која обезбедува правна помош, гради капацитети, поттикнува промени во јавните политики и примената на законодавството, корупцијата во затворскиот систем е нешто што се провлекува долг период. Во неколку последни извештаи на Европската Унија за земјата е наведено дека се соочуваме со ендемска корупција во затворскиот систем и потребно е да се преземат драстични мерки за да системот се врати во нормала.

-Поразително е што немаме долг период напредок во овој дел и покрај сите укажувања на Комитетот против тортура, меѓународните организации, Омбудсманот и нашите извештаи како невладин сектор. Потребно е сериозно да се заложат сите институции за овој проблем преку пријавување на сторителите кои се инволвирани во самите пенетенцијарни установи, водење на истраги и соодветно казнување за да се влијае врз останатите да не се впуштаат лесно во коруптивни дејствија. Од особено значење е освен пријавувањето, и процесирање на случаите за да се утврди одговорност, велат оттаму за „Локално“.

Македонско здружение на млади правници

За некои од претходните случаи за кои слушнавме, додаваат од МЗМП, се уште нема информации дали се пронајдени сторителите на запалените автомобили на вработени во КПД „Идризово“ како и исходот на истрагата за кривична одговорност на лица кои биле инволвирани и дозволувале остри предмети, дрога, таблети, ножеви итн за осудени лица кои беа пронајдени за време на претходни претреси.

-Од особено значење е исто така и почестото спроведување на надзори во казнено-поправните установи од страна на Управата за извршување на санкции и информирање за наодите и затекнатата состојба, потенцираат од здружението.

Во минатото, се повеќе се слушаа предлози како обезбедувањето во затворите да го преземат приватни агенции за обезбедување со лиценцирани обезбедувачи. На прашањето дали тоа би било решение или ќе биде преголем товар за државата, од МЗМП истакнуваат дека за тоа е потребно да се направи детална анализа, но тоа ќе подразбира и промена на системот на функционирање.

-Улогата на затворската полиција, не е само да ги обезбедува затворите, но воедно треба да се грижи и за безбедноста на осудените лица за време на издржувањето на казната затвор и да постапува со нив на достоинствен начин со почитување на човековите права. За тоа треба да биде и обучена затворската полиција. Ние како држава имаме позитивна обврска која произлегува од член 3 од ЕКЧП да ја заштитиме физичката благосостојба на осудените лица кои се во ранлива положба поради тоа што се под целосна контрола на државата. Сепек мора да имаме предвид дека тоа се лица кои е потребно да се ресоцијализираат и тоа е главната цел на казната затвор. Доколку има доволен број на вработени во затворска полиција можеби нема да има потреба од такви промени, посебно со оглед на тоа што трошоците би биле поголеми, порачуваат од организацијата.

Евидентно е дека е потребно подобрување на постоечките капацитети на затворите и нивно зголемување е нешто кое е одамна потребно во земјава. Зошто тогаш се кочат работите и се дозволува загрозување на безбедноста на граѓаните? Според МЗМП, во пенитенцијарниот систем како проблеми и натаму остануваат лошите материјални услови во најголемиот затвор Идризово. Во Извештајот на Омбудсманот е наведено дека „државата и натаму се соочува со несоодветни сместувачки капацитети во затворите, што води кон пренатрупаност, ненавремена здравствена заштита, недоволна кадровска екипираност.

-Во Извештајот на Комитетот против тортура, пак, се наведува дека „иако инфраструктурата беше реновирана и подобрена во неколку затворски објекти, условите во затворениот дел во Идризово и другите притворски установи остануваат крајно проблематични. Судската практика на ЕСЧП покажува дека лошите услови во затворот може да бидат основ за повреда на членот 3 за забрана за тортура и нехуман третман.

Според нашите информации, предвидена е изградба на нови објекти во КПУ Идризово за кои се надеваме дека ќе бидат согласно затворските правила и минималните стандарди за сместување на осудени лица, наведоа од здружението.

Во казнено-поправните установи во Македонија се направени подобрувања во однос на хигиената и состојбата во ќелиите, но и натаму е непроменет третманот кон лицата лишени од слобода од страна на полицијата и присутна е корупцијата меѓу затворскиот персонал, се посочува во последниот Извештај на Европскиот комитет за спречување на тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување (КПТ) при Советот на Европа.

Извештајот е подготвен врз основа на согледувањата на тим на Комитетот за време на периодичната посета на земјава во октомври минатата година, а споредбите се направени во однос на претходниот престој во 2019 година.

Како што се посочува во документот, посетата била фокусирана на полицискиот третман, вклучително и на поплаки за наводно полициско малтретирање, и на условите во притворските оддели во четири затворски установи и во Воспитно-поправниот дом во Тетово, како и на третманот и условите за живот на пациентите во две психијатриски болници и на жителите на дом за лица со посебни потреби.

Во извештајот Комитетот заклучува дека во земјава нема подобрување во третманот на лицата лишени од слобода од страна на полицијата споредено со неговата посета во 2019 година.

Скандалот со топката со дрога во Штип го снимиле надзорните камери. Околу 21 часот вечерта, две лица со возило ги минале капиите на затворот и не биле евидентирани од полициските службеници. Преку оградата префрлиле топка во која имало кокаин и марихуана и по телефон го известиле затвореникот пратката да ја бара во дворот. Додека пребарувал, бил пресретнат од четворица полицајци на кои им кажал дека кучката му го зела часовникот, па заедно тргнале да го бараат.

Дрогата спакувана во топка била пронајдена утредента и предадена на полицијата, а идентификувани се и лицата коишто однадвор ја испорачале. За полициските службеници била поднесена дисциплинска постапка, но комисијата утврдила дека сепак не погрешиле во постапувањето. За овој случај е поднесена кривична пријава во Обвинителството.

Од Управата бараат случајот да добие правен епилог, затоа што како што посочи директорот Пандов, пенитенцијарниот е исклучително корумпиран систем, а во некои затвори повеќе од 50 насто од вработените се вмешани во корупција.

Н.П.

Слични содржини