И екс-шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи реагираше на назначувањето на Петар Богојески за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Според Османи, „државата преку еден човек, назначен да ги води европските образовни фондови, ја понижи цела една заедница со јазик полн омраза, стереотипи и презир“.
Поранешниот министер истакна дека сака да го слушне гласот на сите Албанци и Македонци кои веруваат во соживот, во меѓусебна почит и достоинство.
-Не само Албанците – туку и самите Македонци, затоа што овој јазик не зборува од име на ниеден народ. Овој јазик зборува од името на омразата. Не сакам да повикам на осуда, туку да испровоцирам будење на совеста. Ова не е прашање на политика, туку прашање на човечност. Затоа решив вечерва да молчам – затоа што верувам во човечноста на моите сограѓани. Ова не е молк на слабост. Ова е тишина од доверба, стои меѓу другото во објавата на Османи.
По обвинувањата на ДУИ, ВЛЕН излезе со свој став за, како што велат, провокациите на новиот директор на програмата Еразмус. Оттаму велат дека тој неретко лавира во ставовите во зависност од личните очекувања.
-Јавноста го памети од поддржувач на СЈО, реформатор на ВМРО-ДПМНЕ до македонски националист, ама на батерии. Затоа, уште едно потценување на Албанците е кога ДУИ се обидува да пласира теза дека ЕУ интеграциите на Македонија наводно зависат од ваков лик. Прашањето е зошто ДУИ пред вака да се срами не го прашала Талат Џафери како Богојески бил државен советник во Министерството за одбрана? Зошто на ДУИ не му пречеа неговите антиалбански ставови кога беа во официјална коалиција со Груевски и Мијалков, прашаа меѓу другото од коалицијата составена од четири партии.
Богојески завчера објави дека функцијата ја прифатил свесно и одговорно, како што вели, не затоа што е лесна, туку токму поради комплексноста и сериозноста на задачите што произлегуваат од образовниот сектор, особено во рамките на европските образовни програми. Тој на функцијата доаѓа на местото на Марко Ѓоргиевски, кој ја водеше оваа институција од ноември 2020 година.
Дел од медиумите објавија повеќе фотографии од коментарите на Богојески на социјалните мрежи. „Јас сум јавач на жена ти“, „стока неписмена“, „ти си неписмен“, „наркоман си?“, се дел од коментарите кон неговите неистомисленици.