-Јас сум 100% сигурен дека доколку советниците гласаат по свое убедување, дека утре ќе бидам градоначалник на општина Кочани. Може да ме спречи партиска директива која се надевам дека нема да се случи. Втор мандат сум советник, имам доста искуство во работата, народот многу добро ме знае. Сметам дека ова е историска шанса, не само за Кочани туку и за државата, рече Крстевски во вестите на Тв Сител.
На прашањето што би направил за шест месеци до локалните избори, советникот вели дека ова се клучните месеци за општината. Според него, најважно е да се сменат навиките од минатото, како што е партизација на институциите.
-Прво нешто како градоначалник што би направил е да се распише јавен конкурс за директор на ЈКП Водовод-Кочани и првпат во историјата на Кочани нема да биде предуслов партиска припадност. Ќе можат да се пријават од сите партии сите способни луѓе. Шест месеци е многу период за да го кренеме градот од оваа апатија во која се наоѓа, рече советникот.
Околу тоа дали може да му се најде некаква „дамка“ и дали граѓаните можат да му забележат за нешто, Крстевски порача дека е обичен човек и дека се залага за политики на младите и доброто на кочанчани. Порачува дека има огромна поддршка од граѓаните. Доколку стане в.д. градоначалник, најавува средби со најуспешните градоначалници со државата, наведувајќи ги Митко Јанчев, Стевче Јакимовски, Костадин Костадинов и ќе побара во име на општина Кочани да им помогнат со логистичка помош со инспектори за урбанизам, комуналии…