Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Иран мора да се откаже од секаква потрага по нуклеарно оружје или да се соочи со можен американски воен напад врз неговите нуклеарни постројки. Трамп им рече на новинарите дека верува оти Иран намерно го одложува нуклеарниот договор, неговата изјава дојде по средбата меѓу специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во саботата во Оман, објави Ројтерс.
И САД и Иран по разговорите во Оман рекоа дека разговорите биле „позитивни“ и „конструктивни“. „Иран мора да се ослободи од концептот на нуклеарно оружје. Тие не можат да имаат нуклеарно оружје“, рече Трамп.
Запрашан дали американските опции за одговор вклучуваат воен напад врз нуклеарните постројки на Техеран, Трамп одговори дека „се разбира“. Трамп предупреди дека Иранците мора да постигнат брз напредок во преговорите за да избегнат остар одговор на САД, бидејќи се „прилично блиску“ до развој на нуклеарно оружје.
САД и Иран имаа индиректни разговори за време на мандатот на поранешниот американски претседател Џо Бајден, но овие разговори не дадоа голем напредок.
Последните познати директни преговори меѓу владите на двете земји се одржаа за време на тогашниот американски претседател Барак Обама, кој го предводеше меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, од кој Трамп подоцна се откажа за време на неговиот прв мандат, пренесува Танјуг.