Најбрзо растечка светска валута во моментов е руската рубља, што, меѓу другото, е последица на падот на вредноста на американскиот долар, високите каматни стапки во Русија и надворешно трговскиот суфицит на земјата.
Ова не е најдобрата вест за Москва, бидејќи силната домашна валута ја намалува извозната конкурентност на земјата и средствата за буџетски расходи.
Во средата, еден американски долар чинеше 82,3 рубљи. Тоа значи дека вредноста на руската валута е зголемена за 38 отсто во однос на американскиот долар од почетокот на годината, пренесуваат странските медиуми, вклучувајќи ги „Блумберг“ и „Дејли Телеграф“.
На пример, шведската круна во овој период зајакна за 13 отсто, а швајцарскиот франк за 11 отсто. Вредноста на златото од почетокот на годинава е зголемена за 23 отсто, а на среброто за 12 отсто.
Аналитичарите го посочуваат падот на вредноста на доларот како причина за зајакнувањето на рубљата поради непредвидливата економска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, која ја разниша довербата на инвеститорите во американската економија.
Покрај тоа, руската централна банка ја зголеми основната каматна стапка на 21 отсто во октомври минатата година, привлекувајќи странски инвеститори желни за брз принос.
И покрај строгите меѓународни санкции поради нападот врз Украина, Русија бележи и надворешно трговски суфицит. Во првите два месеци од годинава достигна вкупно 18,5 милијарди долари, што е за 15 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Ова се должи на падот на увозот од 5% и зголемувањето на продажбата на девизи од 25% од страна на руските извозници, кои ја забрзаа размената на нивниот профит во руска валута.
Зајакнувањето на рубљата не е најдобрата вест за Москва. Силната домашна валута ја намалува извозната конкурентност на земјата и средствата за буџетски расходи. Приходите од нафтата на Русија, кои се од големо економско значење, се претежно изразени во долари, додека расходите се изразени во рубљи. Тоа значи дека силната рубља го намалува износот на расположливите средства за покривање на буџетските расходи.
Бруто домашниот производ на Русија минатата година порасна за 4,1 отсто, исто како и претходната година. Годишната стапка на инфлација во Русија во март достигна 10,3 отсто, што е за 0,2 процентни поени повеќе отколку во февруари.