„Врховниот суд ја дефинира жената по биолошки пол – јавноста возвраќа со масовни протести“

од Љубиша Владимиров
77 прегледи

Илјадници демонстранти се собраа денеска во Лондон за да застанат во одбрана на трансродовите лица, по неодамнешната одлука на британскиот Врховен суд, со која правната дефиниција за жената се заснова на нејзиниот биолошки пол.

„Транс жените се жени“ и „Транс луѓето не се непријател“, пишуваше на плакатите што ги носеа демонстрантите, главно млади лица на возраст од дваесет до триесет години. Тие се собраа на плоштадот во центарот на Лондон, а слични демонстрации се најавени и во Единбург, Шкотска.

Одлуката на Врховниот суд, објавена во средата, веројатно ќе има сериозни последици за трансродовите жени, отворајќи можност за нивно исклучување од простори резервирани за жени, како што се тоалети или студентски домови. Иако судот нагласи дека пресудата не ја намалува заштитата на трансродовите лица од дискриминација и вознемирување, меѓу нив владее сè поголема загриженост.

„Сè околу мојата транзиција ќе стане покомплицирано“, изјави Џо Браун, 29-годишна транс жена која е во средината на процесот на транзиција. Таа смета дека младите транс лица сега повеќе ќе се плашат да се изразат јавно и стравува дека пристапот до здравствени услуги за трансродовите лица ќе биде ограничен.

Иви Зајас, која се опишува себеси како небинарна транс личност, изрази стравување дека со одлуката на Врховниот суд се охрабруваат екстремистички ставови, тврдејќи дека трансфобијата е во пораст. Таа живее во Велика Британија веќе 14 години, но најави враќање во Шпанија, која ја смета за попрогресивна земја во однос на правата на транс лицата.

Ејвери Гретерекс, копретседавач на движењето „Прајд во трудот“, изјави дека демонстрациите се организирани со цел да се изврши притисок врз владата и јавноста да дејствуваат и да ги гарантираат правата на трансродовите лица.

Врховниот суд на Обединетото Кралство едногласно ја потврди биолошката дефиниција за жена, како што е наведено во Законот за еднаквост од 2010 година, јавува Би-Би-Си. Со ова завршува долготрајната правна битка што може да има длабоки последици врз разбирањето и примена на родово базираните права во Шкотска, Англија и Велс. Случајот беше покренат од групата „За жените во Шкотска“, која тврдеше дека заштитата заснована на полот треба да се однесува исклучиво на биолошки родени жени. Британската влада, која е од централно-левичарска ориентација, ја поздрави одлуката, наведувајќи дека таа носи „јасност за жените и за корисниците на услуги како што се болници, засолништа и спортски клубови“.

 

Слични содржини