Предложеното велигденско примирје меѓу Русија и Украина на прв поглед се чини како чекор кон мир, но анализата на дописникот на Sky News од Москва, Ајвор Бенет, открива дека зад иницијативата се крие внимателно изработен дипломатски маневар. Путин, тврди Бенет, се обидува да ја зајакне својата позиција во односите со американскиот претседател Доналд Трамп, без да направи вистински отстапки.
Иако секој прекин на непријателствата носи одредена тежина, важно е да се нагласи обемот на понудениот прекин на огнот. Станува збор за 30-часовен прекин, а не за 30-те дена што Белата куќа постојано ги бараше. Ова покажува колку е далеку вистинската понуда од американските барања, но и од претходните предлози на кои Украина беше подготвена да се согласи.
Бенет истакнува дека овој потег повеќе наликува на дипломатски танц отколку на сериозен воен или морален маневар. Ако примирјето се одржи, тоа ќе го означи првиот вистински прекин на непријателствата од почетокот на војната. Ова му дава одредена тежина на потегот, но гледано во поширок контекст, јасно е дека станува збор за минимална отстапка.
Исто така, ова е прва конкретна отстапка на Москва откако Доналд Трамп пред два месеци покрена иницијатива за мировни преговори. Но, Бенет предупредува. Кога станува збор за Кремљ, секогаш треба да се биде внимателен во проценката на неговите вистински намери. Американскиот претседател првично предложи сеопфатно 30-дневно примирје. Украина се согласи на ова, додека Москва го одби предлогот, поставувајќи услови кои беа неприфатливи за Киев.
Потоа следуваше обид за договор за поморски прекин на огнот, но и тој предлог пропадна бидејќи Русија, како предуслов, побара ублажување на санкциите, што западните сили го одбија. Овој модел на преговори, поставување услови кои го оневозможуваат договорот , дополнително ја зајакнува тезата дека Москва го користи прекинот на огнот повеќе како дипломатска алатка отколку како вистинска мировна иницијатива.
Се зголемува фрустрацијата на американската администрација поради недостатокот на напредок во преговорите. Трамп дури се закани дека ќе се откаже од обидот да се постигне договор, додека неговиот државен секретар отворено зборуваше за можноста САД да се повлечат од преговорите.
Бенет верува дека самата можност за прекин на преговорите не би претставувала значителен проблем за Русија на воениот фронт, каде што сè уште ја има иницијативата. Но, политички, ова би претставувало опасност за Путин, ако Трамп ја обвини Москва за недостатокот на напредок, тој исто така би можел да го запре процесот на зближување со Русија.
Затоа овој предлог за прекин на огнот доаѓа во вистинско време, како знак на добра волја што може да го задржи Трамп на страната на Путин, без Русија да направи вистински отстапки. Начинот на кој Русија ја претстави оваа иницијатива дополнително ја открива нејзината вистинска цел. Москва нагласи дека примирјето доаѓа на нејзина иницијатива, од хуманитарни причини, и ја повика Украина да го следи нашиот пример.
Путин на тој начин се обидува да се прикаже како оној што нуди решенија, а не проблеми особено во очите на американскиот претседател. Ова е јасно спротивно на имиџот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого Трамп сè почесто го критикува.
Бенет заклучува дека овој дипломатски потег е дизајниран првенствено за американската публика, со цел да се зачува политичкиот капитал и да се одржи наклонетоста на администрацијата на Трамп, додека вистинскиот придонес за мирот останува сомнителен.