Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им го честиташе Велигден на своите сонародници и порача дека злото неизбежно ќе се повлече пред триумфот на животот, со силна верба што, како што наведе, и покрај се не опаѓа, пренесоа украинските медиуми.
„Часот на злото ќе заврши. Ќе дојдат деновите на животот. Денови на мир во Украина кога повторно ќе можеме да се собереме. На една маса. Имајте мирен Велигден. Кога сите ќе ни биде топло, мирно, пријатно во душата. Се молиме денес за сите, за нашите деца кои заслужуваат среќно детство. За сите наши луѓе кои го заслужуваат долгоочекуваниот мир“, рече Зеленски, пренесува агенцијата Укринформ.
Украинскиот претседател нагласи дека порано или подоцна, но неизбежно, злото ќе се повлече пред триумфот на животот, со силна верба која и покрај се, не исчезнала во текот на 1.152 дена војна.
„Нешто невидливо, но многу силно во тебе не ти дозволува да се откажеш, ти кажува каде да ја најдеш светлината и да не се изгубиш во темнината“, рече Зеленски.
Според него, и покрај сите трагични настани, украинскиот народ поминува многу тежок период, а извор на енергија за тоа се семејството, браќата, сестрите и околината.
Русија се обидува да создаде впечаток дека го почитува прекинот на огнот, додека продолжува да напаѓа
Русија се обидува да создаде општ впечаток за прекин на огнот, но на некои места не се откажува од поединечните обиди да напредува и да и нанесе загуби на Украина, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„На Велигденското утро, можеме да кажеме дека руската армија се обидува да создаде општ впечаток за прекин на огнот, но на некои места продолжува да се обидува да нанесе загуби на Украина“, рече Зеленски, истакнувајќи дека до утринава руската армија извршила 59 гранатирања и пет напади на различни линии на фронтот.
Тој изјави дека имало руски артилериски напади и напади со беспилотни летала во руската погранична област Курск и дека украинската војска продолжува „реципрочно“ да одговара.
„Русија мора целосно да ги почитува условите на прекинот на огнот. Украинскиот предлог за спроведување и продолжување на суспензијата за 30 дена понатаму останува на сила. Ќе постапиме согласно реалната состојба“, нагласи Зеленски.