Претседателот на Собранието, Африм Гаши информира дека останува дел од владеачката ВЛЕН, по турбуленциите во коалицијата откако еден од членовите, Арбен Таравари најави дека со едното крило на АА ќе настапи со свои листи за советници на локалните избори. Со тоа Гаши ги демантираше информациите објавени во некои медиуми дека излегува од коалицијата.
– Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Влен. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратеничките групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам, објави меѓу другото Гаши на социјалните мрежи.
На македонската политичка сцена ќе се роди нови субјект. Лидерот на демократското движење, Изет Меџити потврди дека од наредната недела почнува трансформацијата на коалицијата ВЛЕН, којашто ќе прерасне во една партија.
Тој, во интервју за „Телеграфи Македонија“ објасни дека новата партија ќе има заеднички штаб, заеднички кандидати и листи за советници, како и заедничка програма на претстојните локални избори. Меџити рече дека имињата на кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори сè уште не се дефинирани.
Откако коалицијата порача дека Таравари се самоискучил од ВЛЕН поради комуникацијата со Ахмети, лидерот на ДУИ, со кого Таравари телефонски разговарал, рече дека причината за напуштањето на коалицијата е понижувачката позиција на Албанците во власта.
-Со ангажманот на политичките партии на ВЛЕН во извршната власт, тие направија девалвација и ги понижија Албанците во Македонија. Континуирано ги повикувавме да ги напуштат институциите за да не станат дел од понижувањето. За да не бидат дел од девалвацијата на Албанците. Таравари всушност сфатил дека позициите на Албанците во власта се понижувачки и дека тие се само слуга и тоа што ќе им каже агата тоа го прават, порача Ахмети.