Неодамнешното зголемување на глобалните конфликти доведе до шпекулации дека Третата светска војна би можела да биде на хоризонтот. Британскиот „Дејли Мејл“ направи истражување и состави листа на земји кои би можеле да бидат најбезбедни места за живеење во случај на глобален конфликт. Заеднички карактеристики на овие земји се политичката неутралност, географската изолација, природните ресурси и способноста за самоодржување, особено во време на глобална криза.
Една од првите опции спомнати во ваквите анализи е Антарктикот, континент без постојано население, без војска и без политички интереси. Иако е крајно недостапен и климатски екстремен, токму оваа изолација му дава предност во случај на светски конфликт. Малку е веројатно дека некој би имал интерес да нападне или освои замрзнат континент кој не е под никаква државна администрација.
Меѓу земјите кои се издвојуваат како безбедни, често се споменува и Аргентина. Оваа јужноамериканска земја располага со изобилство плодна земја и развиено земјоделство, особено во производството на пченица, што може да биде клучно за опстанок во случај на глобален глад. Покрај тоа, Аргентина е географски оддалечена од поголемиот дел од светските конфликти, а политичката ситуација, иако повремено нестабилна, сепак е релативно мирна во споредба со многу други делови од светот.
Чиле нуди слични предности. Се протега по повеќе од 6.000 километри долж брегот на Пацификот. Неговата природна разновидност, земјоделскиот потенцијал, минералното богатство и технолошката инфраструктура го прават посакувана дестинација во случај на глобален хаос. Исто така, Чиле се наоѓа далеку од главните воени центри во светот, што дополнително ја намалува можноста да стане мета.
Од другата страна на светот, во Хималаите, се наоѓа Бутан, мало, мирно кралство кое со децении води изолирана и неутрална надворешна политика. Благодарение на неговата планинска локација и филозофијата на ненасилство, Бутан често се наведува како можно безбедно засолниште за оние кои бараат мир и сигурност.
Уште подалеку, во срцето на Тихиот Океан, се наоѓа Фиџи, островска држава оддалечена повеќе од 4.000 километри од најблискиот континент. Оваа екстремна изолација, заедно со воената неутралност и богатството на природни ресурси, ја прави атрактивна локација за оние кои сакаат да избегаат од урбани и ризични средини во случај на војна.
Други безбедни земји кои често се споменуваат се Гренланд и Исланд. Гренланд, иако под данска администрација, е политички неутрален и речиси ненаселен, додека Исланд е познат по својата долга традиција на мир, силни социјални институции и изобилство природни ресурси. Нов Зеланд, исто така лоциран во Тихиот Океан, редовно се истакнува како политички стабилна и мирна земја со голем потенцијал за самоодржување.
Јужна Африка, иако политички турбулентна во минатото, располага со изобилство плодна земја и извори на питка вода, исклучително важна предност во контекст на глобална криза. Швајцарија, која одржува воена неутралност повеќе од два века, редовно се истакнува како едно од најбезбедните места во Европа. Покрај стабилната политика и развиената инфраструктура, Швајцарија нуди и природна заштита благодарение на својот планински релјеф.
На списокот се најде и егзотичната земја Тувалу, мал архипелаг лоциран во средината на Тихиот Океан, речиси невидлив на мапата. Токму поради неговата незабележливост и оддалеченост, постојат мали шанси Тувалу некогаш да стане цел на конфликт. Иако нема развиена инфраструктура, неговиот мир и изолација го прават интересна дестинација за оние кои сакаат да бидат што подалеку од глобалните закани.