Англискиот премиерлигаш Манчестер Сити доби околу 5,17 милиони евра, најмногу од сите клубови на УЕФА, како дел од Програмата за клупски придобивки на европската фудбалска организација, која има за цел да ги охрабри клубовите да ги пуштаат своите играчи да настапуваат за националните селекции.
Рекордни 233 милиони евра се распределени на 901 клуб од сите 55 членки на УЕФА, за учество на нивни фудбалери во натпреварувањата на УЕФА во периодот 2020/21 и 2022/23, во Лигата на нации и квалификациите за ЕП 2022/24, како и на самиот турнир ЕУРО 2024.
Шпанскиот гигант Реал Мадрид доби 4,79 милиони евра, додека Интер од италијанската Серија А заработи 4,65 милиони евра.
Клубовите добиваа еднаков надомест за секој фудбалер кој бил ослободен за репрезентативни обврски по натпревар во квалификациите за Лигата на нации и Европското првенство, како и фиксен износ по играч на ден за времетраењето на ЕУРО.
Од оваа програма профитираа и клубови низ целата фудбалска пирамида, меѓу кои и аматерскиот Јоркшир од десеттата англиска лига, кој доби 7.300 евра.
„Фантастично е да се види како клубови од сите големини и нивоа низ фудбалската пирамида добиваат финансиски награди за нивната витална улога во развојот на играчи кои придонесуваат за успехот на нашите репрезентативни натпреварувања – вклучувајќи го и многу успешниот финален турнир УЕФА ЕУРО 2024“, изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Тој додаде дека секој успех во натпреварувањата е заеднички, а оваа програма за придобивки е дополнителен доказ за тој принцип. „Кога фудбалот напредува, сите имаат корист“, истакна Чеферин.
Вкупната сума за ослободување играчи во овој циклус изнесуваше 100 милиони евра, во споредба со 70 милиони во претходниот. Зголемена е и сумата за учество на играчи на Европското првенство, од 130 на 140 милиони евра. Средствата ќе бидат распределени на 196 клубови од 29 членки на УЕФА.