Левица сè уште се залага за поништување на Договорите со Грција и Бугарија

од Nikola Popovski
54 прегледи

Левица денеска обвини дека Преспанскиот и Договорот за добрососедство наместо да ги надминат, станаа извор на пречки во европските интеграции на Македонија. Ова велат од партијата се потврдува преку фактот дека на Предлог-извештајот на Комитетот на надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент за Македонија се доставени над 300 амандмани, од кои најголем дел од Грција И Бугарија.

-Иако сите досегашни отстапки по однос на ‘барањата на соседите’ во име на евроинтеграциите биле на максимална штета на македонскиот народ и држава – ЕУ јасно најави дека проширувањето повеќе не е приоритет! Дилетантскиот пазарлак и дефетистичката пасивност од страна на Владата, наместо да ја искористи ситуацијата за водење политика на превенирање од претходно направените штети, таа верно ги следи контурите на вазалство поставени од СДСМ, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.

Левица потсетува дека се уште се залага ревидирање и поништување на, како што вели, империјалистичките договори наметнати од Грција и Бугарија направени на наша штета.

-Поаѓајќи до максимата на Маркс дека „Ниеден народ не може да биде слободен, ако угнетува друг народ“- се залагаме за продолжување на евроинтеграциите, но само како еднаков партнер и под еднакви услови како за сите земји членки претходно интегрирани. Оттука ја повикуваме владејачката ДПМНЕ која даде осум пратеници од своите редови за промена на името, да престане со бришењето на името Македонија од законската регулатива и државните институции! Ако евроинтеграциите се заглавени во ќор-сокак, тогаш е неопходно политичките чинители да застанат во одбрана на националните интереси и да побараат етаблирање на меѓународната сцена надвор од наметнатата застарена и западна парадигма и се приклучат кон тековите на новиот мултиполарен свет, стои во партиското соопштение.

На Предлог-извештај на известувачот на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц европратениците доставија вкупно 313 амандмани. Повеќето од нив дообјаснуваат или дополнуваат некои делови од документот, но има и такви со кои во извештајот се вметнуваат нови содржини или оценки.

Двајца европратеници од екстремно десничарската и националистичка партија Грчко решение предлагаат замена на зборовите „Република Северна Македонија“ со зборот „Скопје“ во текстот на целата резолуција.

Европратеникот на бугарската националистичка партија Преродба, Станислав Стојанов предлага замена на точката Б, која наместо „Со оглед на тоа што аспирациите на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од ЕУ доведоа до значителен напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, додека процесот на пристапување продолжува да доживува блокади од различни неоправдани причини“, според него, би требало да гласи „Со оглед на тоа што аспирациите на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од ЕУ продолжуваат да доживуваат назадување поради недоволната политичка волја на земјата да ги спроведе договорените обврски“.

Измена на оваа точка предлага и Ивајло Валчев од партијата Има тков народ со чиј амандман се предвидува наместо „додека процесот на пристапување продолжува да доживува блокади од различни неоправдани причини“, да стои „додека процесот на пристапување во ЕУ продолжува да се соочува со пречки поради непријателската реторика на политичкото раководство во земјата и недостигот на политичка волја за преземање и спроведување на потребните реформи потребни за продолжување на процесот“.

Слични содржини