Трамп за страшниот напад на Киев: Владимир, СТОП!

од Milan1
30 прегледи

Американски претседател Доналд Трамп денеска ги осуди најновите руски напади врз Киев на платформата „Truth Social“ и го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги запре.

„Не сум задоволен од руските напади на Киев. Не се потребни и доаѓаат во многу лошо време. Владимир, ПРЕСТАНИ! 5000 војници умираат неделно. Ајде да го завршиме мировниот договор! напиша Трамп.

Најлошиот напад од минатото лето

Објавата доаѓа откако руските сили го извршија најтешкиот напад врз главниот град на Украина од летото минатата година. Конкретно синоќа Киев беше цел на комбинирани напади со беспилотни летала и ракети, при што загинаа најмалку девет лица, а повеќе од 70 беа повредени, меѓу кои и шест деца. Нападите предизвикаа пожари и урнаа згради во пет градски квартови, а спасувачките тимови се уште трагаат по преживеани под урнатините.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прекина официјалната посета на Јужноафриканската Република и најави враќање во татковината. За време на состанокот со јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоза, Зеленски повтори дека Украина нема да се согласи на мировен договор кој вклучува територијални отстапки, вклучувајќи го и Крим.

Трамп претходно го критикуваше Зеленски за одбивањето да го отстапи Крим, велејќи дека тоа е пречка за постигнување мир. Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека Крим е „изгубен пред години“ и дека „веќе не е предмет на дебата“.

Нападите врз Киев се случија во време на ќор-сокак во мировните преговори меѓу Русија и Украина. Русија го обвинува Зеленски за попречување на дипломатијата, додека Украина тврди дека Москва го продолжува конфликтот со цел да оствари дополнителни територијални придобивки.

Во меѓувреме, меѓународната заедница, вклучително и Обединетите нации и Европската унија, ги осудија нападите врз цивилни цели во Киев, нарекувајќи ги кршење на хуманитарното право.

Слични содржини