Јакимовски: Бараките на Општина Карпош се легално изградени и немаат никаква опасност

од Љубиша Владимиров
104 прегледи

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, изјави дека бараките поставени на територијата на општината се целосно законски изградени и дека се привремени монтажни објекти, кои ги исполнуваат сите пропишани стандарди.

„Овие објекти не се никакви дивоградби, туку привремени и монтажни конструкции, кои се изградени согласно правилниците за привремени градби. Бараките се во согласност со сите технички спецификации, од изборот на градежни материјали до нивната лесна демонтажност, што е предуслов за нивната привремена природа“, изјави Јакимовски.

Тој дополнително појасни дека проектите за овие објекти биле изработени по сите прописи и доставени до надлежните институции за одобрение. Според него, пресудата која ги оценува овие објекти како нелегални, се темели на фалсификувани документи, за што ќе биде поведена постапка.

„Не само што имаме сите потребни дозволи, туку има и електронски записи кои докажуваат дека нема никакви неправилности во процесот на изградба. Се работи за фалсификати, и тоа фалсификати кои се направени во Финансова полиција. Тоа е она што ми предизвика штета, а не самите бараки“, истакна Јакимовски.

Градоначалникот нагласи дека привремените објекти, како што се овие бараки, не претставуваат никаква опасност за животната средина и се направени со посебен акцент на безбедноста и ефикасноста.

„Каква штета направив јас? Кој се пожалил на овие бараки? Се работи за привремени објекти, кои можат лесно да се демонтираат и не претставуваат никаква опасност за луѓето или околината“, додаде Јакимовски.

Слични содржини