Имам многу непријатно чувство, пред се затоа што станува збор за човек со кој што потекнуваме од иста институција – ДЗР каде што особено внимание се посветило на меѓународните стандарди за етичко однесување и интегритет. Тоа било нешто како „Оче наш…“, вели поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска откако првата антикорупционерка, Татјана Димитровска, остана без пасош, како мерка за претпазливост додека се истражува нејзината евентуална вмешаност во случајот „Адитив“. Таа исто така доби забрана за работа.
Ивановска вели дека ѝ е тешко и за реномето на институцијата.
-Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина, не сакам ништо да прејудуцирам. Собранието ги избира кандидатите за членови на Комисијата и треба да го зајакне својот надзор врз работењето на овие независни тела. При изборот искоментирав дека, бидејќи сите интервјуа се снимаат, одредени членови на Комисијата за селекција имаат забелешки во одредени прашања и одговори на кандидатите, зошто тогаш таа Комисија не ги повтори снимките па да се увери дали членот од невладиниот сектор бил во право или не и да се тргнеше сомнежот. Во услови кога имаме снимки и можеме да си докажеме сомнежите…Сега само можеме да чекаме што ќе каже истрагата и дали претседателката од морален аспект ќе си поднесе оставка, рече екс-шефицата на Антикорупциска во емисијата „Вин-вин“.
Димитровска, според потврда од Јавното обвинителство се сомнични дека со умисла ја искористила својата функција и оддала службена тајна со тоа што во повеќе наврати споделила податоци на осомничено лице во предметот Адитив во врска со истрагата.
-Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности. Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК, стои меѓу другото во соопштението на Обвинителството.