Постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност, велат од Антикорупциска комисија по случајот со претседателката Татјана Димитровска осомничена во случајот „Адитив“. Уверуваат дека се целосно доследни на принципите на интегритет, и работат независно и ефикасно. Сепак, јавноста не гледа надеж во борбата против корупцијата. Се поставува прашањето кој вистински ќе се бори со корупцијата ако првата антикорупционерка се сомничи за злоупотреби…Очигледно е дека институциите со децении наназад не можат да ги сосечат пипците на коруптивните дејствија…
За поранешниот член на ДКСК, Владимир Георгиев, тоа што се случува со Димитровска само покажува колку може да биде ранлив антикорупцискиот систем. Но од друга, според него, најлошо е кога има корупција токму во телата што се надлежни да се борат против неа.
-Ова многу сериозно ќе влијае на работата и довербата во ДКСК, бидејќи токму претседатеката, но и другите членови на ДКСК, го одразуваат интегритетот на таа институција. Сомневањата за вмешаност на првиот човек на ДКСК во оддавање на службени податоци на лице обвинето за корупција веќе во голема мерка посредно го нарушува интегритиеот на институцијата со која таа раководи. Сега на потег се истражните органи да ги утврдат сите факти и да ги преземат сите соодветни мерки од кривично правен аспект доколку првичните наводи се потврдат.Членовите на ДКСК, односно нејзиниот потпретседател треба веднаш да излезат во јавноста со свое гледиште за настанатата состојба и за следните чекори што ќе ги преземат. Во спротивно, одолговлекувањето само ќе ги продлабочи негативните рефлексии во јавноста и стручната фела што уште повеќе ќе ја разниша довербата во професионалноста и интегритетот на раководството на ДКСК. Во секој случај, по ова пред ДКСК се исправа сериозен предизвик со многу посветеност, отвореност кон јавноста и конкретни резултати во спречувањето на корупцијата да ја врати довербата во својата непристрасност и стручност. Но за тоа очигледно ќе треба многу напор и време. Затоа што како што реков на почетокот, довербата тешко се гради, но лесно се губи, вели Георгиев во разговор за „Локално“.

Владимир Георгиев
Со оглед дека кај граѓаните ваквата ситуација предизвикува недоверба да непријавуваат сомнежи за корупција, на прашањето дали Димитровска треба да си поднесе оставка, соговорникот посочува дека од расположивите информации во јавноста, во случајов се работи за индивидуално постапување на претседателката, во кое не се вклучени другите членови на ДКСК. Доколку е така, тогаш и одговорноста е индивидуална, без разлика што ДКСК е колективно тело, составено од претседател и шест членови, цени Георгиев.
-Наводите што ги пренесоа медиумите, засновани на информации од Јавното обвинителство, во ниту еден момент не беа демантирани од претседателката, со што всушност ги потврдува овие наводи. Притисокот на јавноста е веќе голем и целосно оправдан и недвојбено е дека претседателката треба да поднесе оставка, без разлика што ќе покаже натамошната истрага. Доколку тоа не го стори, нејасно е како мисли да се врати на работа по извесно време и да продолжи да ја води институцијата, а еве веќе петти ден таа не демантира нејзина вмешаност во наводите, истакнува екс-членот на Комисијата.
Дел од јавноста смета дека можеби треба да се смени и начинот на избор на членовите и претседателот на ДКСК. Околу тоа што треба да преземе Собранието, Георгиев вели дека механизмот на избор е добро осмислен во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, што се спроведува со учество на претставници и на цивилниот сектор, со отворени интервјуа на кои може прашања да поставуваат и други заинтересирани лица што ќе се пријават да присуствуваат на интервјуата во Собранието, и кои интервјуа се снимаат и потоа се емитуваат на собранискиот канал преку што и целокупната јавност може да ги цени кандидатите.
-Како модел беше предложен да се применува и за избор на членови на други тела што се избираат од Собранието. Меѓутоа за разлика од изборот на претходниот состав на ДКСК во 2019 година, очигледно дека во изборот на тековниот состав на ДКСК имало многу партиски влијанија од страна на членовите на Комисијата за спроведување на интервјуата што доаѓаа од политичките партии во Собранието. Ова е констатирано и од страна на претставниците од граѓанските организации што присуствуваа на интервјуата и силно критикувано од страна на Платформата на граѓански организации против корупцијата. Тоа значи дека доколку политиката и политичките партии навистина сакаат да изберат членови на ДКСК кои непристрасно и независно ќе ги извршуваат надлежностите утврдени во законот, ќе треба да ги надминат своите партиски интереси и конечно да го застапуваат јавниот интерес и објективно да ги бодираат кандидатите за идни членови на ДКСК, онака како што го прават и претставниците на невладиниот сектор, апелира поранешниот член на Антикорупциската.
Тежок удар врз општеството и врз институцијата, вака поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска ги оцени последните случувања во институцијата. Актуелната претседателка мора веднаш да си поднесе оставка затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, смета нејзината претходничка. На потег сега е Собранието, кое ја избрало Димитровска за антикорупционер, но и самата комисија, која треба да направи проценки за ризик од корупција. Сепак оттаму вчера рекоа дека се воздржуваат од коментари, апелирајќи да им се даде простор на надлежните институции да ја завршат својата работа без притисоци или влијанија. Според Кабинетот на спикерот африм Гаши, внимателно се следи ситуацијата и се залагаат за целосна правна разрешница, постапувајќи врз основа на принципите на правната држава и непристрасноста. Сепак, како што додаваат оттаму, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување на Димитровска. Нагласуваат дека зачувувањето на довербата во институциите и нивниот интегритет е неприкосновено и дека секое сомневање за злоупотреба мора сериозно да се третира.
Н.П.