„Вреди“ се обединува во заеднички фронт за локалните избори, подготвува листи со експерти и независни кандидати

од desk4
60 прегледи

Коалицијата „Вреди“ е во финална фаза на консолидација пред локалните избори во октомври, при што се разгледува можноста сите нејзини членки да настапат како единствен политички субјект. На денешната лидерска средба беше нагласено дека целта е да се понуди алтернатива на постоечката политичка понуда, особено во албанскиот политички кампус, каде според нив, граѓаните ќе бираат меѓу два јасно дефинирани концепти – „Вреди“ и ДУИ.

Претседателот на Демократското движење и вицепремиер Изет Меџити истакна дека новиот настап на „Вреди“ ќе вклучува и кандидати кои не се дел од политички партии, туку се експерти и активни граѓани од различни области. Како што рече, коалицијата ќе поддржи и независни кандидати за градоначалници и советници, со цел да се понуди квалитетна и професионална локална управа.

„Наша цел е реализација на проекти што со децении беа запоставени. Граѓаните ќе имаат избор меѓу досегашниот политички модел и нашата визија за промени.“, изјави Меџити, нагласувајќи дека Владата останува стабилна и нема потреба од предвремени парламентарни избори.

И од редовите на Движењето Беса беше испратена порака за политичка зрелост и стабилност. Според Аднан Азизи, ДУИ нема капацитет за нова доверба од граѓаните и на локалните избори ќе се соочи со сериозен пораз. Тој додаде дека „Вреди“ наскоро ќе започне со конкретни подготовки: формирање изборни штабови, избор на кандидати и консултации со граѓанскиот сектор.