Шпанскиот репрезентативец и освојувач на „Златната топка“, Родриго Ернандез Касканте – попознат како Родри – конечно се врати на тренинзите со Манчестер Сити, откако подолго време беше надвор од терените поради сериозна повреда на коленото.
Родри се повреди во септември минатата година, а неговото закрепнување според извештаите од англискиот печат напредува одлично. Тој веќе тренира со екипата и е на добар пат да се врати во форма и повторно да го заземе своето место во првиот тим.
Ова се одлични вести за менаџерот Пеп Гвардиола, бидејќи Манчестер Сити сезонава беше непрепознатлив без својот клучен играч од средниот ред.
Иако можеби сè уште не е целосно подготвен да се врати на натпреварувачко ниво, 28-годишниот Родри има два големи настани на хоризонтот: финалето на ФА Купот против Кристал Палас на 17 мај и Светското клупско првенство кое ќе се одржи од 14 јуни до 13 јули. Пред тие натпревари, можно е да добие минутажа во последните кола од Премиер лигата.
Rodri returns to training for Manchester City! 💪🔵 pic.twitter.com/et0WAHjUqt
— Sky Sports Premier League (@SkySportsPL) April 30, 2025