Вработените во Зоолошката градина Скопје сè уште не ја добиле мартовската плата, а институцијата го обвинува Министерството за култура за доцнењето. В.д. директорот Зоран Попов соопшти дека Министерството побарало од јавните установи да направат измени во пресметките за платите, спротивно на Колективниот договор и без правна основа.
„Испративме забелешки до Министерството поради нејасните насоки, но до денеска немаме добиено одговор“, изјави Попов, додавајќи дека барањето за поништување на веќе изготвените решенија довело до блокада во исплатата.
Тој ја отфрли вината од менаџментот и најави дека ќе побара јавно извинување од, како што вели, поединци кои ширеле дезинформации. Попов нагласи дека грижата за животните не е прекината и дека вработените и натаму работат посветено.