Меџити со честитка за 1 мај: Работниците се клучната сила за напредокот на општеството

од desk4
62 прегледи

Првиот вицепремиер на Република Македонија, Изет Меџити, упати честитка по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, изразувајќи благодарност до сите работници кои со посветеност и чесност секојдневно придонесуваат за развојот на земјата.

„Работниците се непоколеблива сила на нашиот напредок. Наставниците кои ги едуцираат генерациите, здравствените работници кои го штитат животот, полицајците кои ја обезбедуваат безбедноста, земјоделците кои ја хранат земјата, градежниците кои ја формираат инфраструктурата, и сите други кои секојдневно ја движат државата напред“, нагласи Меџити.

Тој истакна дека Владата продолжува со заложбите за отворање нови работни места и решавање на статусот на илјадници работници. Во таа насока, реализирани се конкретни мерки, како што се зголемување на платите во клучните сектори како образованието, здравството и безбедноста, субвенции за земјоделците, зголемување на минималната и просечната плата, како и пензиите.

„Знаеме дека секој работник заслужува повеќе – почит, поддршка и мотивација. Нашата развојна политика се темели врз достоинството на трудот и работникот. Оваа основа ќе ја зајакнеме и понатаму, со решителност и јасна визија за поправедна иднина за сите“, додаде Меџити.

Залагањето за правата и подобрите услови за работниците останува клучен приоритет за Владата на Република Македонија.