Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во четвртокот за „Фокс њуз“ изјави дека војната во Украина нема да заврши „наскоро“, додека американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Русија и Украина сега се „поблиску, но сепак далеку“ од мировен договор.
„Сега кога секоја страна ги знае мировните услови на другата страна, на Русите и Украинците е да постигнат договор и да го запрат овој брутален, брутален конфликт“, рече Венс во интервју за емисијата „Special Report with Bret Baier“ на „Фокс њуз“.
„Не води никаде, Брет. Ова нема да заврши наскоро“, додал Венс.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во четвртокот за истата телевизија изјави дека „наскоро треба да има вистински чекор напред во врска со војната во Украина, или американскиот претседател Доналд Трамп ќе мора да одлучи колку повеќе време да посвети на ова прашање“.
„Мислам дека знаеме каде е Украина и знаеме каде е Русија во моментов… Тие се поблиску, но сепак се далеку“, рече Рубио во интервју за емисијата „Hannity“ на „Фокс њуз“.