По години шпекулации и мистерии околу приватниот живот на рускиот претседател Владимир Путин, јавноста конечно доби ретка можност да погледне зад вратата на неговата ексклузивна резиденција во Кремљ. Во видео објавено деновиве, Путин го дочекува локалниот новинар Павел Зарубин пред својот стан, кој се наоѓа во близина на неговата канцеларија. „Да, ова е стан. Како што можете да видите, не е далеку“, вели Путин, отворајќи позлатена врата и поканувајќи го новинарот внатре.
Внатрешноста на станот ја одразува раскошната естетика со која често се поврзува рускиот лидер. Прекрасната сала е украсена со позлатени ѕидови, големи огледала во златни рамки, лустери и егзотични растенија. Во центарот се наоѓа голем портрет на рускиот император Александар III, додека неколку софи во светли бои се поставени низ просторијата. До прозорецот се наоѓа бело концертно пијано, за кое Путин призна дека ретко го користи.
Во дополнителни видеа, кои се дел од пошироко интервју што ќе биде објавено на 4 мај, Путин ја покажува и библиотеката со темни дрвени панели, две спални соби и мала домашна црква. Станот во Кремљ, според Путин, често се користи за неформални средби со светски лидери. Во март 2023 година, тој откри дека во овој стан го угостил кинескиот претседател Си Џинпинг, каде по работен ручек, разговорите продолжиле неформално, покрај каминот со чај.
Ова објавување доаѓа во време кога се уште се водат дебати за контроверзниот „дворец на Путин“ во Геленџик, кој беше објавен од истражувачката мрежа на покојниот опозициски лидер Алексеј Навални. Дворецот, проценет на милијарда евра, долго време беше предмет на критики и исмејување поради својата екстравагантност – вклучувајќи стриптиз сала, наргиле соба, казино и дури и „аква-диско“.
Најновите снимки укажуваат дека овие содржини се отстранети, а наместо нив се поставени објекти што одразуваат „традиционални вредности“ – тема што Путин сè почесто ја користи во своите јавни настапи. Така, во резиденцијата е вградена и православна црква со позлатен олтар, икони, мурали и престол направен специјално за Путин. Според истражување на медиумите поврзани со поранешната Фондација за борба против корупцијата и независниот руски портал „Проект“, ова е можеби единствената просторија каде што директно се споменува сопственоста на Путин.
Оваа трансформација на личниот стил и вкус на Путин доаѓа веднаш по неговата инаугурација за петти мандат, по избори одржани во март 2024 година, кои беа широко оценети како нерегуларни и недемократски.