Скопје доби директни летови од Барселона и Лион – стартуваа новите субвенционирани авиолинии

од Марта Пешевска
167 прегледи

На скопскиот аеродром вчера успешно слетаа првите авиони од Барселона и Лион, со што официјално започнаа новите директни авиолинии кон Македонија. Линиите се дел од програмата на Владата за субвенционирање на нови дестинации со цел развој на туризмот, подобрување на воздушната поврзаност и зајакнување на економијата. Новите летови се воведени како дел од владината стратегија за зголемување на бројот на авиодестинации од македонските аеродроми.

Со овие директни врски со Шпанија и Франција, Владата очекува значаен пораст на бројот на патници, како и поголем прилив на туристи и деловни патувања. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, преку видео порака изјави дека резултатите од политиката на субвенционирање веќе се видливи и најави дополнителни дестинации во наредниот период.

„Со овие летови од Барселона и Лион почнуваме нова фаза на отворање кон европските градови. Очекуваме зголемен број на туристи, повеќе деловни контакти и нови економски можности. Владата продолжува со поддршката на нови линии и наскоро ќе објавиме уште неколку нови дестинации од Скопје и Охрид“, рече Николоски.

Во изминатите месеци, во рамки на владината програма за поддршка на авиосообраќајот, се воведени вкупно десет нови авиолинии од двата македонски аеродроми. Се очекува ова да придонесе за зголемување на вкупниот број патници и да ја подобри поврзаноста на Македонија со остатокот од Европа.

Субвенционираните летови претставуваат дел од пошироката стратегија за подобрување на инфраструктурата и позиционирање на Македонија како атрактивна дестинација за туризам и инвестирање.