По повод 122-годишнината од смртта на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев, претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје. Одбележувањето започна со Панихида, која беше отслужена од Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија.
Во рамки на церемонијата, свежо цвеќе положија и делегации од Владата, Собранието, дипломатскиот кор, политичките партии, граѓански здруженија, како и бројни други почитувачи на ликот и делото на Гоце Делчев. Од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова истакнуваат дека овој чин е израз на почит и сеќавање на храброста и револуционерниот дух на Делчев, кој остави неизбришлив траг во историјата на Македонија.