Хорор на автопатот во Хрватска: Автобус удри во запрено возило – двајца загинати, десетици повредени

од Марта Пешевска
105 прегледи

Двајца патници загинаа, а 31 лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопат во Хрватска, кога патничко возило со странски регистарски таблички удри во заштитна ограда и го блокираше коловозот. Неколку моменти подоцна, во него удри патнички автобус што сообраќал на меѓународна линија. Несреќата се случила околу 3 часот наутро, на автопатот А3, кој поминува низ регионот Славонија во источна Хрватска.

Од силината на ударот, автобусот се превртел и ја пробил централната заштитна ограда. Според првичните информации, во несреќата загинале еден маж и една жена – патници во автобусот. Повредените се префрлени на лекување во неколку здравствени установи во околината. Дел од нив се подложени на хируршки интервенции, но ниту еден не е во животно загрозувачка состојба, потврдија здравствените власти.

Возачот на патничкото возило, кој бил сам во автомобилот, по судирот со оградата излегол и се обидел да им сигнализира на другите учесници во сообраќајот дека патот е блокиран. Сепак, возачот на автобусот, и покрај тоа што се движел со соодветна брзина, предоцна го забележал возилото и не успеал да избегне судир.

На местото на несреќата интервенирале екипи на итната помош, полицијата и противпожарни служби. Сообраќајот на автопатот бил во целосен прекин, а колоната на возила достигнала голема должина. Движењето било пренасочено преку околните делници. Првично се појави информација дека патничкото возило застанало поради удар во диво животно (срна), но таа информација подоцна беше демантирана како неточна.

Полицијата отвори кривична истрага и ќе ги приведе двајцата возачи и на автомобилот и на автобусот, под сомнение за предизвикување сообраќајна несреќа. Конечната одлука ќе ја донесе обвинителството по прибирањето на сите потребни докази. Посебно внимание ќе биде посветено на податоците од тахографот во автобусот, кои ќе помогнат да се утврди со каква брзина се движел и колку време поминале зад воланот возачите за време на долгата релација.