Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, пристигна во понеделник во Пакистан, што е прва посета на странски функционер на земјата откако ескалираа тензиите со Индија по смртоносниот напад врз туристи во спорниот регион Кашмир, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.
Посетата се случи само неколку дена откако Техеран понуди помош за ублажување на тензиите меѓу соседите кои поседуваат нуклеарно оружје, објави „АП“.
Аракчи беше пречекан од високи пакистански функционери по слетувањето на аеродромот во близина на Исламабад, а како што е најавено, тој ќе се сретне со својот пакистански колега Ишак Дар, како и со претседателот на земјата Асиф Али Зардари и премиерот Шехбаз Шариф, соопшти Министерството.
Армијата е во готовност
Пакистанските вооружени сили се во состојба на висока готовност од минатата недела, откако министерот за информации и радиодифузија Аталах Тарар изјави дека Исламабад има доверливи разузнавачки информации дека Индија може да го нападне Пакистан како одговор на нападот од 22 април во туристичкиот град Пахалгам, во кој загинаа 26 туристи, претежно хиндуисти, во индискиот Кашмир.
Пакистан негираше каква било улога во терористичкиот напад и понуди да спроведе веродостојна меѓународна истрага.
Њу Делхи досега не ја прифати понудата, а неколку светски лидери, вклучително и претставници од Соединетите Американски Држави, ги повикаа двете страни да покажат воздржаност и да избегнат понатамошна ескалација.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за време на телефонскиот разговор со неговиот пакистански колега Мухамед Ишак Дар вчера, ја потврди подготвеноста на Русија да помогне во решавањето на ситуацијата меѓу Индија и Пакистан, објави веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Кашмир
Регионот Кашмир е поделен помеѓу Индија и Пакистан, при што обете земји го бараат во целост, а двете земји водеа две од три војни за хималајскиот регион. Најновата ескалација на односите доведе до протерување на дипломатите од страна на двете земји и затворање на воздушниот простор.