Компанијата Pagani претстави уште една „нова“ Zonda, откако поминаа малку повеќе од осум месеци од „дефинитивно последната“ Zonda Arrivederci.
Фотографиите од автомобилот со V12 мотор беа објавени на социјалната мрежа Фејсбук. Не станува збор за нова шасија, туку за стар автомобил кој, според Pagani, е „целосно редизајниран“. Тоа е уникатно парче инспирирано од планините Кунлун во Азија и сè уште изгледа како едно од „најлудите нешта на четири тркала“.
Небесно синиот карбон изгледа одлично, додека каросеријата исто така содржи голи карбонски компоненти. Невозможно е да не се забележи големиот вшмукувач на покривот и двојното задно крило.
Нема технички детали, но автомобилот веројатно е напојуван од 7,3-литарскиот V12 мотор на AMG, кој испорачува 760 КС и 780 Nm вртежен момент, како што е случајот со другите Zonda модели од серијата 760.