Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ѝ наредил на својата администрација повторно да го отвори и значително да го прошири озлогласениот затвор Алкатраз, кој се наоѓа на остров во заливот на Сан Франциско. Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп изјави дека „Америка предолго страда од сурови и насилни рецидивисти“, и дека повторното активирање на Алкатраз ќе претставува „симбол на закон, ред и правда“.
Алкатраз беше затворен во 1963 година поради високите трошоци за одржување и денес функционира како туристичка атракција. Се наоѓа во близина на прочуениот мост Голден Гејт во Сан Франциско.
„Денес им наредувам на Федералното биро за затвори, Министерството за правда, ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност повторно да го отворат, значително да го прошират и реновираат АЛКАТРАЗ“, напиша Трамп во објавата.
Според него, затворот ќе биде наменет за „најсуровите и најнасилните криминалци во Америка“.
Оваа изјава доаѓа во контекст на контроверзиите поврзани со политиката на Трамп за справување со криминал. Во март годинава, тој испрати повеќе од 200 наводни членови на банди од Венецуела во мега-затвор во Ел Салвадор, потег што наиде на силни критики од правни и меѓународни организации. Трамп неодамна најави и идеја за испраќање „домашни криминалци“ во странски затвори.
Алкатраз, првично изграден како воена тврдина, во почетокот на 20 век бил претворен во воен затвор, а во 1930-тите бил преземен од Министерството за правда и прераснал во федерален затвор за најопасните осуденици. Меѓу најпознатите затвореници се гангстерите Ал Капоне, Мики Коен и Џорџ „Машинган“ Кели.
Затворот остана икона на поп-културата, прославен преку филмовите како „Човекот-птичар од Алкатраз“ (1962), „Алкатраз“ (1979) и „Карпата“ (1996), последниот со Шон Конери и Николас Кејџ во главните улоги. Според Федералното биро за затвори, Алкатраз беше затворен поради тоа што трошоците за негово функционирање беа речиси три пати повисоки од оние на другите федерални затвори, пред сè поради неговата изолирана островска локација.