ВМРО-ДПМНЕ го вперува прстот во СДСМ за покачените цени на производите

од Nikola Popovski
65 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ го вперува прстот во СДСМ за зголемувањето на цените на производите во маркетите и продавниците и за, како што велат, уништениот стандард на граѓаните. Од партијата на власт посочуваат дека „кога веќе СДСМ реди производи и нивните цени, добро би било да ги нареди и да пресмета за колку се покачија цените на производите на кои тие го зголемија ДДВ“.

-СДС можеби заборави, но СДС е тој кој за време на неговото владеење го покачи ДДВ од 5 на 10% на околу 1.500 прехранбени производи. И откако поскапија 1500 производи, сега лицемерно бара негово укинување на околу 200 производи, кое нема да има никаков ефект врз цените. Да имаше СДС добри економски политики, немаше да остави уништена и во слободен пад економија и над пола милион граѓани на прагот на сиромаштија, кои денот го поминуваат со по 150 денари, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги покачи платите на сите вработени во јавно здравствените установи, кои за период од четири години предвидено е да достигне до 50%.

Претходно од СДСМ обвинија дека маслото за јадење е покачено од 89 на 92 денари, млекото над 72 денари, покачени се цените на јајцата, месото, сирењето, соковите. Средствата за хигиена поскапеа дури и за 60 проценти. Ова следува откако заврши мерката со ограничени маржи на производите.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, деновиве оцени дека мерката дала позитивен резултат. Повикувајќи се на  официјални податоци, рече дека во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во однос на храна и пијалаци. Податоците за април, вели тој, исто така укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.

Слични содржини