Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска од Варшава порача дека и покрај обновениот фокус на ЕУ кон проширувањето, останува јаз помеѓу очекувањата и нивната реализација.
Муцунски истакна дека земјата останува целосно посветена на реформите, усогласувањето со европското законодавство и на Реформската агенда во рамки на Планот за раст. Тој нагласи дека е време Европската Унија и земјите членки да го исполнат ветувањето дадено кон Западниот Балкан.
Тој предупреди дека процесот на билатерализација на пристапните преговори од страна на одделни земји членки мора да заврши и потсети дека Северна Македонија е земја-кандидат веќе 20 години, без започнати преговори.
Во рамки на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите, Муцунски нагласи и дека Северна Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.