Изборот на Роберт Франсис Превост за нов папа, кој го зеде името Лав XIV, претставува „постхумен успех за папата Франциск“ и истовремено „спротивставување на американската влада“, смета францускиот експерт за религија Франсоа Мабил. Мабил, директор на Геополитичката опсерваторија за религија и автор на книгата „Ватикан: Папството се соочува со свет во криза“, оцени дека новиот папа претставува „мек континуитет“ со својот претходник.
„Ова е постхумен успех за папата Франциск – со поинаков акцент, но сепак продолжение на неговата визија за црквата. Лав XIV е умерен и консензусен кандидат кој нема да ги налути конзервативците“, изјави Мабил за АФП. Тој истакна и геополитичка димензија во изборот на новиот папа, особено во односот со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тешко е да не се забележи контрастот и конфликтот меѓу Трамп и папата Франциск. Изборот на Американец за папа во ова време е симболичен чекор кој испраќа сигнал – тоа е чин на спротивставување на американската влада и нејзините политики“, вели Мабил.
Северноамериканското потекло на Лав XIV не е без значење, додава тој, бидејќи тоа покажува дека кардиналите ја прифатиле критиката кон Трамп, која беше присутна за време на понтификатот на Франциск, и која се враќа во фокусот со повторното доаѓање на Трамп на власт.
„Овој избор е некаков вид противтежа на христијанските националисти како Џ.Д. Венс, кои сочинуваат силна поддршка за Трамп. Сега имаме папа посветен на помирување, на работата со предизвиците од глобализацијата, и папа кој, како Американец, ќе има уникатна перспектива во однос на мандатот на Трамп“, објаснува Мабил.
Изборот на папското име, Лав XIV, исто така носи симболика. Претходниот Лав XIII е познат по својата енциклика „Rerum novarum“ од 1891 година – манифест на социјалната доктрина на Црквата, посветен на правата на работниците и социјалната правда.
„Тие теми денес повторно стануваат актуелни – не само во контекст на глобализацијата, туку и во однос на нови предизвици како што е вештачката интелигенција“, смета Мабил.
Тој го опишува Лав XIV како „пасторален папа“ – внимателен кон маргинализираните, близок до народот и природен избор за прагматичниот реформистички блок.
„Конклавот траеше два дена, исто како и за папата Франциск. Но контекстот е различен – сега конзервативците се уште поголемо малцинство. Изборот на Лав XIV испраќа порака дека реформите продолжуваат, но со нова инкарнација на папската функција“, заклучува Мабил.