Либерално-демократската партија ја поздравува одлуката на Владата за прифаќање на нивната идеја за враќање на можноста за референдумско отповикување на градоначалници – предлог што ЛДП подолго време го застапува и промовира преку јавни настапи и трибини. Ваквата идеја станува реалност со ново предложените измени на Законот за локална самоуправа, кои денес влегуваат на комисиска расправа во Собранието.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, посочи дека е крајно време да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери. Таа ја поздрави иницијативата за нов закон, кој ќе бара двотретинско мнозинство, како шанса за вградување на силни механизми за отчетност.
-Идејата, која беше дел од законот од 1996 година, повторно се враќа со цел да се зголеми одговорноста, отчетноста и транспарентноста во локалното управување. ЛДП активно учествуваше во промовирањето на ова решение преку јавни настапи, дебати и панел дискусии.
ЛДП потенцира дека е добро и корисно што Владата и владејачкото мнозинство конечно ги прифаќаат нашите идеи и предлози како што се референдумското отповикување на градоначалник и комуналната полиција. Овие измени ќе придонесат за поодговорно и поефикасно управување на локално ниво, во корист на сите граѓани, стои во партиското соопштение.