НСП не се откажува од протести: Со години полициската плата е под минималната

од Nikola Popovski
248 прегледи

Членови на Независниот синдикат на полицијата денеска со почеток од 12.00 часот, на раскрсницата кај Мавровка, излегоа на протест со барање за поголеми плати. Според претседателот на НСП, Мартин Ефремов, полицискиот протест пред судовите исто така е упатен и за изеднување на судската пракса на целата територија на државата. Во моментов има илјадници предмети кои полициски припадници ги водат против МВР во кои што бараат да се досуди разлика до минималната плата.

Полициската плата е составена од основна плата плус зголемување, минат труд, додатоци…, а по Законот за минималната плата, основната плата не може да биде под минималната. Ефремов смета дека судиите сакаат да постигнат целосна промена на судската пракса и Законот во полицијата да не важи, односно Законот за минимална плата да не биде применет како што треба во државата.

-Во различни градови, судовите кажуваат дека на едни полицајци треба да се исплати повеќе плата, а во Скопје велат дека ни е доволна оваа плата што ја земаме. Со пресуди, одредени полицајци имаат наплатено и е докажано. За жал, скопските судови велат дека тоа не следува. Тука доаѓа до огромен револт и неизедначување на платите. Платите е многу едноставно да ги пресметате – треба да го помножите бодот со бројот на бодови што ги имаме. Полициски службеник има од 550 бодови па нагоре, а бодот во МВР е 35,47 денари. Со години, полициската плата е многу под минималната. Доколку не се одважат на нашите барања, ќе ги известиме сите наши братски синдикати, амбасади и европски институции и ќе продолжиме со протестите. Нема да се откажеме од тоа што ни следува и од законот, додаде Ефремов.

Слични содржини