Расте притисокот за ставање крај на тригодишната војна во Украина. Завојуваните страни долго време ја исклучуваа можноста за состанок, сега тој би можел да се случи во наредните денови. Откако Владимир Путин го повика Киев на преговори без предуслови на 15 мај, Володимир Зеленски порача дека е подготвен лично да се состане со шефот на Кремљ.
Во меѓувреме, Кина објави го поддржува 30-дневното примирје предложено од Украина, Европа и САД, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џиан. „Ги поддржуваме сите напори што придонесуваат за мир и се надеваме дека релевантните страни ќе продолжат да го решаваат проблемот преку дијалог и преговори“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Конфликтот во Украина сè уште се нарекува „украинска криза“ од страна на кинеските власти. Кога беше прашан за неодамнешните изјави на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во кои тој повика на поголемо вклучување на големите сили како што се Турција и Кина во напорите за завршување на војната, Лин ја нагласи подготвеноста на Пекинг да помогне: „Кина е подготвена, во согласност со желбите на вклучените страни, да соработува со меѓународната заедница и да продолжи да игра конструктивна улога во решавањето на кризата и постигнувањето траен мир“.
Дали Кина ѝ го сврте грбот на Русија?
Дел од аналитичарите сметаат дека ваквиот став од Пекинг не значи дека оди во спротива од Москва. За експертот на безбедност, Александар Илиев, Кина е на страна на Русија и воопшто не е неутрална. Како што вели, кинесккиот претседател Си Џинпинг беше гостин на прославата на Ден на победата во Москва на 9 мај 2025 година и со тоа јасно покажа дека Кина е со Русија.
-Без поддршка на Кина, Русија немаше да може да ја води војната во Украина, бидејќи Кина обезбедува технологии и е клучен трговски партнер на Русија. Затоа, поддршката на Кина за прекин на огнот во траење од 30 дена, официјално е дадена со цел да се создадат услови за преговори. Во истата дипломатска изјава Кина тврди дека нејзината позиција во однос на тоа како треба да се постигне мир не е сменета. Оттука, Кина сеуште ги има позициите кои ги објави во 2023 година со кинескиот предлог од 12 точки кои беа прифатливи за Русија, а беа отфрлени од Украина. Затоа, оваа дипломатска порака не ја става Кина во спротивниот табор на Русија, туку ја става Русија во позиција на сила, последна да одлучува дали ќе има промирје, оценува Илиев во разговор за „Локално“.

Александар Илиев
Oколу најавената средба меѓу Зеленски и Путин во Истанбул, соговорникот вели дека „во стил на Черчил, може да се каже дека е почеток на крајот“. Според него,тоа се засновува на фактот дека меѓународниот контекст овозможува смирување на глобалните тензии, двете завојувани страни се исцрпени од војната и не можат да ги постигнат своите цели, а лидерите на Украина и Русија повикуваат на примирје и преговори.
-Меѓународниот контекст укажува дека е можно глобално намалување на тензиите. САД и Кина постигнаа договор за намалување на тарифите што е индикатор за значајна деескалација во односите, како и желба на двете најголеми економии да се спречи глобална рецесија. Во насока на смирување на глобалните тензии и овозможување економски раст би делувало и примирје во Украина. Истовремено Русија не е дипломатски изолирана, а Украина има сојузници во Европа кои се решени да спречат сценарио во кое Украина би била поразена. Дополнително, САД и Укрина постигнаа договор за фонд за реконструкција и инвестиции или познат како договор за минерали. За примирје и преговори се залагаат ЕУ, САД и Кина. Таквата состојба создава услови за преговори, а оневозможува една од двете страни да има решавачка меѓународна поддршка да победи во војната, потенцира експертот.
За Илиев, друг фактор е исцрпеноста на Русија и Украина од војната. Анализира дека двете завојувани страни не покажуваат воена способност да го решат исходот на војната на бојното поле со голема воена операција. Како што посочува, минатата седмица имаше намалување на интензиетот на руски напади и употреба на артилерија.
-Користењето војници од Северна Кореја и „доброволци“ од Кина покажуваат дека Русија има проблем со обезбедување воени сили за воени операции. Предизвик за Русија е подолг период да вложува над една третина на својот буџет во одбраната, а истовремено да трпи штета на критичната инфраструктура. Од друга страна, Украина е со уништена инфраструктура и има проблем со пополнување на своите вооружени сили. Намаленета и несигурна помош од САД за Украина, дополнително ја ограничуваат Украина да се подготви за офанзивни операции со кои би ги ослободила окупираните територии. Тоа значи дека Русија и Украина се свесни дека во овој момент не се способни да го решат исходот на војната на бојното поле во нивна корист. Сепак, ова е само почеток на крајот и не треба да се мисли дека преговорите ќе бидат лесни, како и дека не е можно повторно разгорување на војната, тврди Илиев.
Зеленски вчера порача дека на 15 мај ќе биде во Турција и очекува Путин да дојде, лично. „Се надевам дека овој пат Путин нема да бара изговори зошто не може да стигне. Подготвени сме да разговараме, да ставиме крај на оваа војна. Четврток. Турција. Претседателот Трамп изрази поддршка. Сите лидери го поддржуваат ова“, изјави украинскиот претседател.
Најновите предлози за мировни разговори следуваат по интензивните дипломатски напори викендов. Во саботата беше упатен повик за 30-дневен прекин на огнот без предуслови почнувајќи од денеска. Барањето беше изнесено од лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска, кои при посетата на Киев, заедно со претседателот Зеленски му телефонира на претседателот Трамп. „Рускиот претседател Путин не сака да има договор за прекин на огнот со Украина, туку сака да се сретне в четврток, во Турција, за да преговара за можен крај на крвопролевањето. Украина треба да се согласи на ова, ВЕДНАШ. Барем ќе можат да утврдат дали е можен договор или не, а ако не е, европските лидери и САД ќе знаат каде стои се и ќе можат да продолжат соодветно“, објави Трамп.
Портпаролот на Кремљ во претходна изјави за американски медиум изрази сомнеж дека Украина се обидува да избега од преговорите. „Мислевме дека претседателот Трамп ќе го искористи своето огромно влијание врз Украина за да ја доближи идејата за преговори. Украина се обидува да избега од преговорите!“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
На фронтот и натаму непроменета состојбата. Руските сили зазедоа населба во Доњацк, а десетици беспилотни летала беа истрелани во неколку региони.
Н.П.