Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), и покрај тоа што нејзината претседателка Татјана Димитровска е осомничена за одавање службена тајна, отвори два нови предмети добиени по пријави за сомнежи за непотизам и незаконски унапредувања, пренесува „Слободен печат“.
Првата пријава се однесува на Игор Андоновски, брат на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и син на советникот за национална безбедност на премиерот, Љупчо Андоновски. Според пријавата, Игор за само пет месеци бил двапати унапреден во Агенцијата за национална безбедност – прво во август 2024 како началник на единицата во Гази Баба, а потоа во декември како началник за Град Скопје.
Законот бара поминување на најмалку една година меѓу две унапредувања, а спорно е и тоа што не поминал задолжително полиграфско тестирање. Втората пријава се однесува на Александар Јанев, актуелен директор на Бирото за јавна безбедност. Според пријавата, неговата магистерска диплома била издадена незаконски, што го доведува во прашање и неговото именување на функцијата. Пријавите стигнале до медиумите по електронска пошта, иако партијата Левица демантираше дека стои зад нив. Од ДКСК потврдија дека се отворени предмети и истрагите се во тек.