Самиот факт дека претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта ги посетува земјите во регионот, вклучително и Македонија, сам по себе има голема важност, прво, како позитивен сигнал од ЕУ за регионот и второ, како поттик за потребните одлуки за политички исчекор во процесот на проширување, вели во разговор за „Локално“, поранешниот државен советник и експерт за европски политики, Драган Тилев за денешната посета и какви пораки се очекува да му бидат пренесени на премиерот Христијан Мицкоски.
Тилев очекува позитивна атмосфера, искрен дијалог и јасни пораки.
-Ги следев изјавите на Кошта во Белград и Подгорица, сигурен сум дека ќе ги повтори и во Скопје, а тоа се, дека процесот на проширување е отворен и за нас, дека моментумот е позитивен за проширувањето на Унијата, дека обврските треба да се почитуваат и одлуките да се донесат, но и дека времето истекува, а можноста е со ограничен рок.
Несомнено ќе се повтори и пораката за очекуваните уставни измени, но зад затворени врати очекувам и се надевам дека ќе се говори и за потребните и можните, реалните „гаранции“ кои може да се побараат и да се очекуваат од страна на претседателот на ЕС. Тој самиот нема моќ да одлучува во име на членките на ЕУ, но има извонредна позиција за медијација во изнаоѓањето на заеднички именител за нашите билатерални отворени прашања. Тој неодамна беше во Софија, се надевам има простор и за оптимизам, посочува соговорникот.
Како што информира Тилев, претстои и средбата во Тирана на Европската политичка заедница на 16 Мај, која е уште една голема можност за дипломатска офанзива од наша страна, а потоа и најавената посета на високата претставничка за надворешни односи, Каја Калас на регионот и Македонија.
-Со други зборови, простор за дејствување има, но треба да се презентира и планот за нашите сленди конкретни чекори и одлуки. Со пораката дека времето изминува, целосно се согласувам, бидејќи можноста да го фатиме чекорот со Црна Гора, Албанија и Молдавија, што за нас е од огромно значење, се стеснува. Од стратешки причини не е сеедно дали ние ќе останеме поназад од Црна гора, Албанија и Молдавија. Мора да го најдеме патот како да го фатиме приклучокот со овие земји, за да не останеме во ходникот на куќата во која влеговме далеку пред сите други, уште далечната 2005 година кога станавме земја кандидат, или од 2009 година кога ја добивме првата препорака од Европската Комисија за почеток на пристапните преговори. Европа е наш дом, така мора и да се однесуваме, дециден е екс-советникот кој работеше на интеграцијата на Македонија.

Драган Тилев
Во петокот на 9-ти мај, бриселскиот портал „EUalive“ објави текст во кој пишува дека Европската Унија сè повеќе се дистанцира од премиерот, наведувајќи ја неговата неподготвеност да спроведе измени во Уставот кои се клучни за напредокот на земјата кон членство во ЕУ. Според Тилев, текстот е темпиран и заради времето кога се објавува и заради неговата магловита содржина, за дополнителен притисок кон нас.
Тврди дека во пишувањата на медиумот има спин пораки и неколку неточни позиции или заклучоци.
-На пример, прво, меѓународното право и одлуките на Судот за човекови права, кои во текстот се проблематизираат, важат и треба да важат подеднакво за сите, неселективно. Второ, стратешкиот однос кон САД не ја исклучува нашата јасна и недвосмислена намера за полноправно членство во ЕУ, всушност за тоа аплициравме со целосен општествен консензус уште во 2004 година. Трето, не постои таква одлука во Владата, или мене не ми е позната, која го фаворизира Коридорот 10 наспроти Коридорот 8. Јасна е нашата потреба за изградба на двата коридора и политичка и економска факторизација на нашата централна географска позиција на Балканот, и тука нема ништо спорно ниту тенденциозно. Четврто, факт е дека се предизвикани нашите етнички идентитетски обележја, тоа не е тајна, и тоа е точката која не може да се пренебрегне. Секој има право на свое видување, како и изразеното во посочениот текст, но исто така имам право и јас на мое мислење, кое го искажувам еве и преку овој текст, објаснува експертот за европски политики.
Тилев е дециден дека грешки се направени во минатото, за кои политичката цена ја плаќаме денеска, но излез мора да има. Смета дека не е лесно да се биде политичар, но политичарите се избрани за да носат одлуки, кои некогаш се плаќаат и со поени на популарност.
-Мудрите одлуки, јас сум убеден дека ќе се ценат според тоа кога ќе го отвориме кластерот Фундаменти и кога ќе го фатиме приклучокот со Црна Гора, Албанија и Молдавија. При тоа никако не со нарушување на нашата национална и идентитетска архитектура. Реални, остварливи гаранции може да се обезбедат. Убеден сум дека Кошта, Фон дер Лајен, Калас и еврокомесарката Кос имаат добри намери и тоа мора да го искористиме. Но, деталите се наш предмет на работа и одуките се наши, добри или лоши, историјата ќе цени.
Политичката клима во ЕУ е крајно комплексна, но и крајно поволна за прифаќање на нови земји членки. Ова може да биде и последна можност за нас за подолг временски период, заклучува државниот советник.
Претседателот на Европскиот совет денеска е во посета на Македонија. Ќе има средби со државниот врв. Во Скопје доаѓа со порака за исполнување на преговарачката рамка, односно спроведување на уставните измени. Македонските власти пак, Кошта ќе го пречекаат со веќе познатите ставови за измени на Уставот.
Шефот на Европскиот совет и премиерот Мицкоски од Скопје заедно ќе отпатуваат во Тирана, каде е предвидена вечера со лидерите на Западен Балкан, а утре ќе се одржи состанок на европската политичка заедница.
Претходно, Кошта ги посети Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. На средбата со премиерот Албин Курти, нагласил дека е важно Косово да учествува во нормализацијата на односите преку конструктивен дијалог, со цел да се напредува по европскиот пат. Според соопштението на косовската влада, Курти му пренел на Кошта дека Косово е „европско во однос на вредностите, историјата и културата“ и дека е целосно посветено на тоа да стане членка на ЕУ.
Пред разговорот со Курти, Кошта се сретна со косовската претседателка Вјоса Османи, а во заедничко обраќање до медиумите рекол дека Косово има свое место во ЕУ, но дека мора да ги исполни своите обврски од дијалогот со Србија.
Н.П.