Почетокот на руско-украинските разговори во Истанбул за прекинот на огнот во Украина е закажан за денес околу 9:00 часот, а разговорите ќе се одржат во палатата Долмабахче, објави ТАСС, повикувајќи се на извор запознаен со организацијата на состанокот.
Средбата ќе се одржи зад затворени врати, без присуство на медиумите.
Авион со членови на руската делегација слета рано утрово на аеродромот
Авион со членови на руската делегација слета на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, каде што се планирани преговори со украинската делегација, потврди утрово руската воздухопловна служба за „Интерфакс“.
Рускиот претседател Владимир Путин синоќа објави дека руската делегација на преговорите со Украина во Истанбул ќе ја предводи неговиот помошник Владимир Медински.
Медински, исто така, ја предводеше руската делегација на преговорите со Киев во Истанбул во 2022 година.
За време на преговорите, руската страна ќе ја претставуваат заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на Главната дирекција на Генералштабот на руските вооружени сили Игор Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
Руските медиуми, повикувајќи се на извори, претходно објавија дека украинската делегација ќе ја сочинуваат претседателот Володимир Зеленски, неговиот началник на кабинетот Андриј Јермак, заменик-началникот на кабинетот Игор Жовква, министерот за одбрана Рустем Умеров и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Укринформ“ објави дека Зеленски денес ќе ја посети Турција, каде што ќе разговара за мировните иницијативи и можните начини за завршување на војната, а дека, почнувајќи од утрово, треба да одржи билатерални разговори во Анкара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и да одржи заедничка прес-конференција на која ќе ги сумира резултатите од посетата.