Оставката на Таравари се уште не пристигнала, тврди Гаши

од Nikola Popovski
37 прегледи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска информира дека до неговиот кабинет се уште не пристигнала оставката на министерот за здравство, Арбен Таравари, како и дека не пристигнале предлозите кој ќе биде координатор на пратеничката група на ВЛЕН ниту кандидатура за гувернер на Народната банка.

-На последната координација немаше никој од ВЛЕН. На координација ги викаме координаторите додека тие официјално се координатори. Кога ќе имаме нова состојба ќе го поканиме оној којшто ќе биде координатор, појасни Гаши на средбата со новинарите, додавајќи дека засега нема поднесена ниту една оставка од функционерите.

Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците информираше дека денеска ќе поднесе оставка од својата позиција во Владата и додаде дека очекува да бидат разрешени останатите функционери кои доаѓаат од редовите на неговата партија.

„Поднесувам оставка“, кажа Таравари во изјава за МИА и додаде дека „другите ќе бидат разрешени“. Тврди дека и двајцата заменици, но и вицепремиерот Арбен Фетаи ќе го следат, иако споменатиот се уште не одлучил дали ќе ја напушти владината коалиција.

Неговата одлука доаѓа откако АА во понеделникот одлучи да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција, по несогласувањата со другите коалициски партнери во коалицијата ВЛЕН. Партијата претходно објави дека ќе ги претстави своите листи на кандидати за советници на претстојните локални избори, на што се противеа останатите лидери од владеачката коалиција составена од повеќе партии.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека името на фаворитот на владејачкото мнозинство за гувернер на Народната банка ќе биде познато в понеделник (19 мај), а веќе следниот ден треба да се најде пред пратениците во Собранието, кои ќе гласаат за неговиот избор. Рече дека разговарал и со собранискиот спикер изборот на гувернер да биде ставен како точка на дневниот ред на седницата закажана за 20 мај.

Слични содржини