Во Македонија има 10.338 Роми кои се регистрирани како невработени

од Nikola Popovski
32 прегледи

Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико денес во просториите на Граѓанскиот Ресурсен Центар – Скопје го претстави својот нов тригодишен проект “Надвор од бариерите: Резилиетност на Ромите на Западен Балкан” кој е финaнсиран од Европската Унија. Во рамки на проектот беше изработен Извештај во сенка за имплементацијата на јавните политики за Роми во Северна Македонија за периодот Јули 2024 – Февруари 2025 година. Извештајот во сенка беше презентиран пред претставниците на институциите, меѓународните организации, граѓанските организации, донаторската заедница и медиумите.

Извештајот во сенка укажува дека ромската заедница продолжува да се соочува со сериозни предизвици, особено во областите на вработување, образование, здравство, домувањеи граѓанска регистрација. Бројот на регистрирани невработени Роми во АВРСМ е околу 10% (10.388 Роми), од кои 93% односно 9.677 лица се Роми без завршено образование или со завршено основно образование, 4,13% (430 лица) се со завршено средно образование и само 0,22% (23 лица) се невработени со завршено високо образование, пријавени во Агенцијата за вработување. Голем дел од заедницата и понатаму останува активна во неформалната економија.

Во сферата на образованието, само 472 или 1,3% од децата кои се запишани во јавни градинки во учебната 2024/2025 година се Роми, а 150 од нив се ослободени од партиципација како дел од владините мерки за социјално ранливи семејства. Според Министерството за образование и наука, 97% (10.787 ученици) од запишаните 6%, односно 11.055 ученици Роми за учебната 2023/2024 го комплетирале основно образование, додека 94% (1.772 ученици) од запишаните 2,7% (1.867 ученици) Роми во учебната 2023/2024 го комплетирале средното образование.

Ова укажува на тоа дека стапката на осипување е намалена и Ромите имаат тенденција да го комплетираат своето образование. Според информациите од Министерството за образование и наука во 26 општини се ангажирани 44 образовни медијатори кои се директна поддршка на децата Роми, а во април 2025 е донесен закон со кој оваа улога се воведува и во средното образование, таргетирано за деца Роми. Сепак, остануваат предизвици поврзани со децата со попреченост, сегрегацијата и пристапот до образование за возрасни.

Во делот на здравството, 19 Ромски здравствени медијатори беа активни во 2024 година, но буџетот за оваа програма е целосно укинат во2025 година. Иако стапката на смртност кај Ромските доенчиња е намалена (3.01%во 2023), таа и понатаму е највисока во споредба со другите заедници. Во категоријата од 25–44 години, Ромите сочинуваат 5% од вкупните смртни случаи, што е значително повеќе од другите етнички групи. Во категоријата од 45–64 години, Ромите сочинуваат дури 37% од вкупните смртни случаи, што е највисока стапка во однос на другите етнички групи во оваа категорија. Истовремено, се нотира сериозен недостиг на здравствено осигурување кај Ромската популација.

Домувањето и натаму останува една од најкритичните области. Народниот правобранител известува дека семејства со деца живеат во екстремно нехумани услови во објектот на ЈУ „Ранка Милановиќ” во Скопје – без вода, струја и основни услови за живот. Во привремени објекти во Визбегово се сместени 80 лица, од кои 55 се деца. И покрај тоа што Стратегијата за Роми 2022–2030 и Уставот го гарантираат правото на домување, ефективни и трајни решенија сè уште изостануваат. Истовремено, дискриминацијата врз основа на етничка припадност останува системска – 27% од пријавените случаи во 2024 година се однесуваат на Ромите, што е највисок процент споредено со другите заедници.

Според податоците од Министерството за финансии за 2024 година, вкупната реализација на буџетот за спроведување на Националната стратегија за Роми изнесува 91% од планираниот буџет. Во 2024 беше направен и ребаланс на буџетот, со севкупно намалување од 1.940.000 МКД од буџетот планиран за имплемнтацијата на Стратегијата за Роми. За 2025 година предвидени се 44.520.000 МКД за спроведувањена стратегијата, но загриженостапостои поради потенцијалното влијание на овие кратења врз ефективноста на програмите наменети за ромската заедница.

Слични содржини