Папата Лав XIV денес во говорот на инаугуративната миса на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан вети дека ќе работи за единство, така што Римокатоличката црква ќе стане симбол на мирот во светот.
Во својата проповед пред десетици илјади верници, световни и црковни службеници, папата Лав рече дека сака Римокатоличката црква да биде обединета, објави АП.
Агенцијата вели дека повикот на папата за единство е значаен со оглед на поларизацијата во Римокатоличката црква во Соединетите Американски Држави и пошироко.
Претходно, на Папата му беа врачени официјалните симболи на неговата папска функција – палиумот, литургиските одежди и папскиот (рибарски) прстен.
Инаугуративната миса на папата Лав XIV се одржува на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, јавува „Анса“.
Папата претходно утрово за прв пат се возеше со Папамобилот низ плоштадот „Свети Петар“ во пресрет на неговото востоличување и ги поздрави верниците.
Папата ги поздрави насобраните верници кои мавтаа со знамиња и скандираа „Да живее Папата!“.
Камбаните на базиликата „Свети Петар“ заѕвонија додека папамобилот полека минуваше низ плоштадот.
Верниците мавтаа со знамиња на Перу, Америка, Ватикан и други земји.