МВР информира дека синоќа во 20 часот, полициски службеници од СВР – Куманово ги лишија од слобода А.Ј. и Д.С., на возраст од 36 и 29 години, двајцата кумановци.
Во полицискиот билтен, стои дека на полувремето на кошаркарскиот натпревар од кошаркарската супер лига помеѓу екипите на МКК Куманово од Куманово и МЗТ од Скопје во спортската сала на средното училиште „Перо Наков“, тие се обиделе да нападнат играч од домашната екипа и да му го соблечат дресот.
Лицата се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следува соодветна пријава. Според информациите, домашните навивачи го нападнале својот кошаркар, Србинот Тадија Тадиќ.
Бранителот на титулата, МЗТ Скопје Аеродром се пласираше во финалето на кошаркарскиот плејоф, со победата од 88-61.