Рускиот претседател Владимир Путин порача дека интересите на Русија мора да се земат предвид и дека тоа е единствениот начин да се воспостави долгорочен мир.
Во интервју со прорежимскиот новинар Павел Зарубин, рускиот претседател изјави дека долгорочниот мир и заштитата на правата на руското говорно население во Украина мора да бидат клучните резултати од руската инвазија на Украина.
„Целите се да се елиминираат основните причини за оваа криза, да се создадат услови за долгорочен и одржлив мир и да се обезбеди безбедност“, рече Путин, додавајќи дека ова важи и за „луѓето што живеат во овие области и кои го сметаат рускиот јазик за свој мајчин јазик, а Русија за своја татковина“.
Тој нагласи дека Русија има доволно сили за да ги постигне целите и да ја заврши „специјалната воена операција“, името што руската влада официјално го користи за да ја опише агресијата врз Украина.
Путин, исто така, истакнува дека интересите на Русија мора да се земат предвид и дека тоа е единствениот начин за воспоставување долгорочен мир, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.
Да потсетиме дека Украина и Русија оваа недела по три години започнаа директни преговори, но состаноците на делегациите во Истанбул, Турција, не доведоа до примирје. Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата објави дека во понеделник ќе разговара телефонски со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски за да „го запре крвопролевањето“.
Во меѓувреме, украинската армија објави дека Русите го извршиле „најтешкиот напад со дронови“ од почетокот на војната во недела навечер. Тие испукаа вкупно 273 експлозивни дронови во регионите на Киев, Дњепропетровск и Донецк. Во нападите загина една жена, а неколку лица беа повредени, меѓу кои и едно дете.