Нетфликс ги зголеми цените на претплатите неколку пати во текот на изминатите неколку години. Но, според пресудата на Окружниот суд во Келн, овие зголемувања не биле правно валидни – што би можело да има последици за милиони корисници.
Корисник, кој првично се регистрирал за Premium претплата за 11,99 евра месечно, а сè уште плаќа 17,99 евра, поднесе тужба со поддршка на правната агенција WBS Law, предводена од познатиот адвокат Кристијан Солмеке. На 15 мај 2025 година, судот во Келн пресуди во корист на корисникот.
Според пресудата (број на предмет 6 S 114/23), Нетфликс нема право еднострано да ги зголемува цените без јасна и информирана согласност од корисникот. Понатаму, компанијата мора да му ги врати на корисникот сите преплатени износи од 2019 година па наваму. За жал, барањата од 2017 и 2018 година, во меѓувреме застареле.
Со оглед на тоа што жалбата била одбиена, пресудата е конечна и правосилна.
Судот особено нагласи дека кликнувањето на копче во рамките на апликацијата или порака не е доволно за да се смета дека корисникот се согласил со новата цена. Многу корисници, според судот, верувале дека тоа е едноставно известување, а не понуда за нов договор.
Адвокатот Солмеке објаснил:
„Не е важно дали некој кликнал на копчето, туку дали тој клик бил информирана согласност. Ако Нетфликс создава впечаток дека цената сепак ќе се зголеми, не може да се крие зад копчето „согласност“.“
Корисникот кој поднел жалба ќе добие околу 200 евра назад. Сега милиони корисници во Германија кои се претплатиле по пониска цена од онаа што моментално ја плаќаат можат да побараат враќање на преплатениот износ.
Адвокатската канцеларија WBS Legal подготви бесплатен формулар за барање („Musterschreiben“) што корисниците можат да го користат за да побараат враќање на парите од Нетфликс.
Но, има еден проблем…Малку е веројатно дека платформата доброволно ќе им врати пари на милиони корисници. Доколку Нетфликс го игнорира барањето, корисниците, како тужителот во овој случај, ќе мора да преземат законски мерки за да ги остварат своите права.