Денес во 16 часот по средноевропско време се одржа телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп. Веста ја потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, а вниманието на светската јавност е насочено кон потенцијалниот напредок во однос на мировниот процес за Украина. Овој разговор доаѓа само еден ден по средбата во Рим меѓу високи американски функционери и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Претходно, Трамп и самиот оствари телефонски разговор со Зеленски, како дел од неговите дипломатски напори за изнаоѓање решение на конфликтот.
Портпаролот на Кремљ изјави дека засега не се подготвува лична средба меѓу двајцата лидери, но додаде дека „таква средба ќе се одржи кога претседателите ќе проценат дека е потребна“. Песков нагласи дека Русија ги цени напорите на САД да посредуваат во конфликтот и е благодарен за американското ангажирање. Во пресрет на разговорот, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека очекува Трамп директно да го праша Путин дали е сериозен во својата намера да постигне мир.
„Претседателот ќе го праша: ‘Слушај, дали си сериозен? Дали навистина сакаш мир?’“, изјави Венс од авионот Ер Форс 2. „Постои потенцијал за економски придобивки доколку се нормализираат односите со остатокот од светот, но тоа нема да се случи додека продолжуваат нападите врз невини луѓе“.
Иако преговорите во Турција не донесоа значителен напредок, овој разговор се гледа како можност за нова дипломатска иницијатива. Во меѓувреме, пред самиот почеток на разговорите, светските медиуми објавија дека на поранешниот американски претседател Џо Бајден му е дијагностициран рак на простата – вест што дополнително ја подгреа атмосферата на денот. Сите очи се вперени во телефонскиот разговор меѓу двајцата моќни лидери, кој може да биде клучен за иднината на конфликтот во Украина и односите меѓу Русија и САД.