Анализа на „Скај њуз“: Путин го надмудри и понижи Трамп

од Milan1
37 прегледи

Исходот од телефонскиот разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп е тешко да се протолкува поинаку освен како неуспех на американската страна, според дописникот на американскиот „Скај њуз“, Џејмс Метјуз.

„Како може Трамп да го прикаже ова поинаку освен како свој неуспех? Неуспех во преговорите, дипломатијата и управувањето со овој конфликт. Ако Путин веќе не го надмудрил Трамп и не го понижил, тогаш изјавата што доаѓа од Москва само дополнително го потврдува впечатокот дека тој ги држи сите конци во свои раце.

Пред разговорите со Путин, администрацијата на Трамп испрати пораки во согласност со политиката „Америка на прво место“, а Џ.Д. Венс рече дека САД се подготвени да се повлечат од конфликтот. Путин го слушна ова и заклучи дека вреди да се чека бидејќи ако Американците се откажат, Украина ќе биде оставена на понатамошно руско напредување на терен.

Украина и нејзините европски сојузници веќе некое време стравуваат дека Трамп ги прeдава. Сепак, тие беа подготвени да чекаат тој да го испорача големото решение што го најавуваше долго време, бидејќи знаат дека не можат да го сторат тоа без САД. И сега, по тој клучен повик, тие се соочуваат со фактот дека ништо не се променило, а Украина е во уште потешка позиција.

Русија очигледно тактизира, чека и одложува без вистински чекори напред, само со цел да избегне конкретни потези. И покрај сè што Трамп кажа за решителноста и силата, тој не успеа да направи ништо во пракса досега ѝ понуди на Москва само морков“, вели Метјуз.

Украина и нејзините европски сојузници ќе бидат разочарани, па дури и загрижени по руското видео од телефонскиот разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, оценува московскиот дописник на „Скај њуз“, Ивор Бенет.

„Мислам дека европските лидери и Украина ќе бидат многу разочарани што Доналд Трамп очигледно не изврши поголем притисок врз Владимир Путин. Тие се надеваа дека ова ќе биде моментот кога Трамп конечно ќе ги спроведе своите закани во дело и ќе го принуди Путин да се приближи до прекин на огнот.

Според тврдењата на Путин, во разговорот немало никакво споменување на санкции, а Трамп дури рекол дека Русија поддржува мирно решение на кризата.

Верувам дека оваа изјава на рускиот претседател ќе предизвика загриженост кај европските сојузници на Украина. Тие веројатно ќе го протолкуваат тоа како уште едно одложување од руска страна и избегнување на јасен одговор на барањата за 30-дневно примирје.

Се чини дека овој повик не донесе никаков напредок кон мировен договор, па дури ни прекин на огнот во Украина. Изјавата на Путин дека примирје е можно доколку се постигнат соодветни договори е во основа истото што Русија го повторува веќе два месеци“, истакнува Бенет

Слични содржини