СДСМ денеска објави дека на повидок е нов скандал со безбедносните служби е на повидок. Од партијата прашуваат дали директорот на БЈБ, Александар Јанев не ги исполнува условите за функцијата.
-Според информации објавени во неколку медиуми, поднесена е анонимна претставка до ДКСК поради основани сомнежи за незаконитост на дипломата за магистерски студии на Јанев, на Универзитетот Скопје. Оваа диплома е меѓу основните законски услови за да може да биде назначен за директор на БЈБ. Како што е објавено, во неговата официјална биографија објавена на страната на МВР нема точен датум на стекнување на звањето “магистер”. Дополнително, ниту на сајтот на Универзитетот Скопје нема никакви податоци за јавна одбрана на магистерски труд. Не може да се најде ниту запис во електронските системи на универзитетот или Министерството за образование за проверка на плагијат, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Како што додава таа на денешната прес-конференција, Јанев бил именуван на функцијата лани на 28-ми јуни и оттаму прашува дали е точно дека системот не функцонирал токму во тој период. СДСМ бара одговори на низа прашања и итна истрага од Јавното обвинителство.
Според објавеното, Јанев дојде на чело на БЈБ од позицијата раководител во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, а од 2018 до 2024 година работел како раководител во Одделот за општи и заеднички работи во МВР. Има завршено средно полициско образование, Правен факултет во Скопје, а оваа година станал магистер по менаџмент на човечки ресурси.
Во БЈБ го наследи Сашо Тасевски.