Собранието денеска ги констатираше оставките на заменик-министрите Фљакрон Беџети (земјоделство) и Елфете Исмаили (одбрана) од Алијанса за Албанците, како и на Националниот координатор за нови технологии, Блерант Рамадани. Ниту Таравари, ниту овие тројца не присуствуваа на седницата за да ги образложат оставките.
Од партијата Вреди велат дека се работи само за неколкумина индивидуалци, додека останатите членови ќе останат дел од Владата и новата партија. Билал Касами истакна дека сега има три Алијанси за Албанците, но за нив е важно да ги задржат гласачите на Таравари. Тој најави дека во следните денови ќе се познаат имињата на новите министри и заменик-министри.
Во меѓувреме, пратеничката група на „Вреди“ го официјализираше новиот состав со 9 пратеници, а се очекува да се приклучи и Салим Сулејмани, кој се повлече од партиските функции, но веројатно ќе остане пратеник. Координаторот Беким Ќоку повика и други пратеници кои го поддржаа Таравари да се вратат во групата.
Вицепремиерот Арбен Фетаи потврди дека Алијанса за Албанците останува дел од Владата, бидејќи од 50 назначени функционери од партијата, само тројца поднеле оставки до сега.