Макрон и Си зборуваа за алкохол – Францускиот претседател побара подобри услови за коњак!

од Марта Пешевска
17 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон побара од кинескиот претседател Си Џинпинг да обезбеди поголем пристап за француските компании на кинескиот пазар, како и укинување на царините што ги погодуваат француските производители на коњак. „Кинеските инвестиции се добредојдени во Франција, но нашите компании треба да имаат еднакви услови и таму и тука“, напиша Макрон на социјалната мрежа „X“.

Двајцата лидери разговарале телефонски, при што Макрон посочил дека тој и Си се согласиле што побрзо да се решат проблемите поврзани со извозот на француски коњак во Кина – важен производ за француската економија.

Кинескиот претседател потврдил дека во разговорот било ставено акцент на трговските односи и продлабочување на соработката меѓу двете земји. Тој истакнал дека Кина и Франција треба заеднички да ги штитат меѓународните трговски правила и глобалниот економски поредок, како и да практикуваат „вистински мултилатерализам“.

„Кина и Франција треба да ја зајакнат стратешката комуникација и да ја консолидираат својата соработка“, нагласил Си Џинпинг.

Дополнително, тој предложил двете земји да ги прошират партнерствата во клучни сектори како инвестициите, авијацијата и нуклеарната енергија.

Овој разговор доаѓа во време на зголемени економски тензии меѓу Кина и Европската Унија, особено околу пристапот до пазарите и заштитата на европските производи.