Русија и Украина би можеле да постигнат „несовршен договор“ до крајот на вториот квартал кој би ја замрзнал војната на терен, но без да склучат сеопфатен мировен договор, се вели во новиот извештај на геополитичкиот оддел на американската банка „JP Morgan Chase“.
Во извештајот на центарот, кој неодамна беше формиран и се претставува како советодавно тело за глобални предизвици, се наведува дека за Владимир Путин и Володимир Зеленски „веќе е пристигната завршната фаза“. Но, исто така се нагласува дека трајноста на секој договор ќе зависи од тоа колку Путин ќе биде задоволен од западните и украинските отстапки, како и од силата на безбедносните гаранции што ќе го придружуваат договорот.
Четири можни сценарија
Во анализата се претставени четири можни сценарија за мировни преговори, со паралели со другите конфликти и проценка на веројатноста за секој од нив. Сепак, ниту едното сценарио не претпоставува дека Украина ќе ја врати целосната контрола на својата територија или ќе се приклучи на НАТО.
Според извештајот, шансите да се постигне и најповолен и најлош исход за Украина сценаријата „Јужна Кореја“ и „Белорусија“ изнесуваат по 15 проценти.
Сценариото „Јужна Кореја“ предвидува стационирање на европски војници во Украина како „сила за одвраќање“, со американска гаранција за помош и разузнавачка поддршка, што би ја стабилизирало областа под контрола на Киев, која во моментов покрива околу 80 отсто од земјата.
Спротивно на тоа, сценариото „Белорусија“ предвидува дека САД би можеле да се повлечат од поддршката за Украина, додека Европа нема да ја зајакне својата поддршка. „Русија ќе се држи до своите максималистички барања и ќе бара целосна капитулација на Украина, претворајќи ја во своја вазална држава“, се наведува во извештајот.
„Во тоа сценарио, Русија ефективно би ја добила војната, би го поделила Западот и неотповикливо би го уништила поредокот воспоставен по Втората светска војна.
Најверојатниот исход – сценарио „Грузија“.
Аналитичарите сметаат дека најверојатниот исход, со 50 проценти шанси, е сценариото „Грузија“ кое тие го опишуваат како „ниту добро, ниту лошо“. Во тој случај Украина не би добила ниту странски војници, ниту значителна воена поддршка, што би ја оставило земјата изложена на натамошна нестабилност, ќе го забави нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО и би довело до „постепено враќање на руското влијание“.
Четвртото сценарио наречено „Израел“ има 20 проценти шанси и е оценето како „се уште прифатливо“. Во тој случај Украина би продолжила да добива силна и долгорочна воена и економска помош од Западот, но без присуство на странски војници на теренот.
Таквата поддршка, се наведува, ќе и овозможи на Украина да се претвори во воена тврдина, да изврши модернизирање на армијата и на крајот да развие свој механизам за одвраќање. Но, опасноста од нова војна постојано ќе виси над земјата.
Нема напредок во преговорите
Да потсетиме, Русија и Украина ги обновија преговорите во Истанбул во мај, што резултираше со најголема размена на заробеници од почетокот на војната. Како дел од договорот, секоја страна ослободи 1.000 затвореници во текот на три дена, вклучувајќи војници и цивили. Гестот поттикна надежи за обновени дипломатски напори, иако продолжија руските напади врз украинските градови, вклучително и масовниот воздушен напад врз Киев, кој предизвика бројни повредени и материјална штета.
Иако преговорите се обновени, разликите меѓу двете страни остануваат значајни. Русија бара Украина да ја признае анексијата на Крим и руската контрола врз делови од петте источни региони, што Киев категорично го отфрла.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвинува Москва за застој во преговорите и дека се обидува да купи време, додека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најавува презентација на нацрт-мировниот договор по завршувањето на размената на затвореници.
И покрај посредништвото на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази оптимизам во однос на евентуалниот мировен договор, конкретни резултати се уште не се постигнати.